Полициски синдикат до Апасиев: Еве ние „џандарите“ да ви дадеме бесплатна лекција по право

by fokus

Македонскиот полициски  синдикат најостро реагира на објавата на социјални мрежи на пратеникот Димитар Апасиев кој со неговиот речник и вокабулар, како што велат тие, воопшто не ја претставува пратеничката функција.

-Имено господине Апасиев, сте биле сопрен од страна на УНИФОРМИРАН ПОЛИЦИСКИ  СЛУЖБЕНИК, а не од ,,Џандар,,  при вршење контрола над безбедноста во сообраќајот. Согласно правните прописи, Униформирани полициски службеник врши контрола во сообраќајот при што превентивно и репресивно постапува согласно утврдената фактичка состојба на терен. „Тресењето на возилото“ е ПРЕГЛЕД,  а не претрес за што Вие како ,, добар познавач на правото “ треба да ја знаете разликата.  Последиците од непостапување по наредба од Униформирани полициски службеник  исто така вие како ,,добар познавач на правото“ треба ги знаете.
Дали и како се однесувал полицискиот службеник за тоа ќе си утврди соодветната служба на МВР, велат од Синдикатот.

Тие му дадоа и „бесплатна лекција по право“ на Апасиев.

-Кога сме веќе кај Вашиот Имунитет на кој се повикувате, еве ние „џандарите“ да Ви дадеме бесплатна лекција по ПРАВО:
Уставниот имунитет на кого сте се повикале не ве ослободува ниту од прекршочна, ниту од кривична одговорност.
Член 64 од Уставот на Република Северна Македонија на кого се повикувате гласи: Пратениците уживаат имунитет.
Пратеникот не може да биде повикан на кривична одговорност или да биде притворен за искажано мислење или за гласање во Собранието.
Пратеникот не може да биде притворен без одобрување на Собранието, освен ако е затечен во вршење кривично дело за кое е пропишана казна затвор во траење од најмалку пет години.
Собранието може да одлучи да се примени имунитет над пратеник и кога тој самиот не се повикал на него, ако е тоа потребно заради вршење на функцијата пратеник.
За време на мандатот пратениците не подлежат на обврска во вооружените сили. Пратеникот има право на надомест утврден со закон.
Вие како пратеник уживате материјален и формален имунитет.
Материјалниот имунитет е заштита од кривично гонење за искажано мислење во  Собранитето односно пратеникот неможе никогаш да одговара за кажан збор од говорница или за гласање во собраниска постапка.
Формалниот имунитет го штити пратеникот од притвор освен ако не е затечен при извршување на кривично дело за кое е предвидена казна од најмалку 5 години затвор како што е наведено во член 64 од Уставот на Република Северна Македонија.
Службената легитимација господине Апасиев не е документ за ослободување од прекршочна или кривична одговорност истата е документ за утврдување на идентитет и функција, порачуваат од Синдикатот.

Поврзани новости