Полициска акција во Белгија поради нелегални плантажи на канабис, лишени од слобода членови на албанска мафија

by fokus

Во пет европски земји, меѓу кои и во Белгија, од средата наутро се спроведува огромна полициска акција против нелегални плантажи на канабис, објавија денеска белгиските медиуми, нагласувајќи дека, според судски извори, во бизнисот е вмешана „албанската мафија“.

Во текот на денот се очекува белгиското Обвинителство официјално да соопшти повеќе детали за акцијата, но за сега е познато дека освен во Белгија, полициски операции поврзани за истата мрежа се одвиваат и во Франција, Италија, Велика Британија и Холандија.

Според судски извори, целта на акцијата е разоткривање на повеќе плантажи на канабис, истрага која започнала уште пред една година во градот Монс во Белгија. Во рамки на акцијата од средата, па до денеска се приведени околу седумдесет лица.

Претресите ги водат судските полиции на петте земји во кои се спроведува операцијата со поддршка на Интерпол и на полициски службеници од Германија и од Грција.

Приведените лица во наредните 48 часа треба да се појават пред истражен судија, неколкумина од нив се припадници на „албанската мафија“, тврдат белгиските медиуми, додавајќи дека некои од нив биле со нерегулиран престој во Белгија и со наредба да ја напуштат земјата. Моментно тие се лишени од слобода и се сместени во затворени центри за странци.

Поврзани новости