Полицијата на Косово знае многу добро каде живее брат ми, рече обвинетиот во „Монструм“, Агим Исмаиловиќ

by fokus

Косовската полиција знае каде е Африм Исмаиловиќ, второобвинет за петкратното убиство кај Смилковското езеро, кој заедно со првообвинетиот Алил Демири, се недостапни за македонските судски власти, откри на денешното рочиште за предметот „Монструм“ Агим Исмаиловиќ, брат на Африм.

На прашање од обвинителката Фатиме Фетаи каде е неговиот брат Африм, обвинетиот Агим Исмаиловиќ рече дека е во Приштина, Косово. Тој кажа дека со брат му контактирал преку вибер, кога бил пуштен на слобода.

– Полицијата на Косово знае многу добро каде живее брат ми, а јас не ја знам точната адреса, рече Исмаиловиќ.

Пред судот кажа дека останува на изјавата што ја дал пред шест години – дека не го сторил делото за кое е обвинет и не се чувствува виновен.

На почетокот на рочиштето обвинителката Фатиме Фетаи рече дека СЈО го презема овој предмет кога Врховниот суд ги укина пресудите на првостепениот и второстепениот суд и предметот е вратен на повторно судење.

Фетаи од судот побара на прво и второобвинетиот, да им се суди во отсуство, бидејќи се недостапни. Додека Фетаи го читаше обвинението, дел од роднините на убиените плачеа во судницата.

Судењето за „Монструм“ денеска почна од почеток бидејќи предметот го презеде Специјалното јавно обвинителство.

Во судницата се присутни обвинетите Агим Исмаиловиќ, Хаки Азири, Фејзи Азири и Сами Љута, како и роднини на убиените деца.

Масакрот кај Смилковското Езеро се случи на 12 април 2012 година, на Велики четврток, пред големиот христијански празник Велигден, кога беа убиени момчињата Кире Тричковски, Филип Славковски, Цветанчо Ацковски, Александар Наќевски и рибарот Борче Стефановски.

За петкратното убиство беше отворен предмет „Монструм“, а на доживотен затвор беа осудени Алил Демири, Африм и Агим Исмаиловиќ и Езим и Хаки Азири и Сами Љута.

Врховниот суд во декември лани ги укина пресудите, ги ослободи од притвор осудените Агим Исмаиловиќ, Хаќи Азири, Сами Љута и Фејзи Азири, и им определи мерки на претпазливост. За судот се уште недостапни се Алил Демири и Африм Исмаиловиќ по кои се распишани меѓународни потерници.

Поврзани новости