Полицијата ќе ги испитува заканите на кои се пожалил тетовецот за да не ја каже вистината за трагедијата

by Fokus

Нема засега пријава до СВР Тетово, како што тврдат оттаму, за закани за тетовецот Ибин Емшиу, кој во пожарот во модуларната болница ги изгубил таткото и братот, по што сведочеше за Дојче веле дека бил заплашуван со убиство, за да не ја каже вистината за трагедијата во ковид-центарот.

-До овој момент во СВР Тетово нема пријавено дека на тоа лице некој му се заканувал, изјави за „360 степени“ портпаролот на СВР Тетово, Марјан Јосифоски.

Но, од СВР Тетово најавуваат дека веднаш ќе остварат контакт со лицето и ќе се преземат соодветни мерки.

-Ми се закануваат дека ќе ме убијат, но јас сум решен да ја кажам вистината за пожарот во тетовскиот ковид-центар, раскажува за Дojче веле, Ибин Емшиу, откако во несреќата ги загуби своите татко и брат.

Тој е гневен на вработените во ковид-центарот, но и на политичарите кои, како што вели, се обидуваат да ја сокријат вистината за трагедијата. Тврди дека морал да им плаќа по 1.000 денари дневно на болничарите за да го негуваат неговиот неподвижен 28-годишен брат, кој боледувал од церебрална парализа.

-Шест дена седев таму. Барав помош за нега на брат ми, затоа што е неподвижен. Од болницата ми рекоа дека немаат слободен човек кој би можел да ми помогне за да му ги менувам пелените. Јас имам свои здравствени проблеми, но бев во состојба да дадам пари за да се грижат за него, и ова го прифатија. Кога дојде работата да платам, тие прифатија да помогнат. Платив за да ми помагаат два пати дневно, цели Емишу за ДВ.
Сумата што му ја побарале била 1 000 денари дневно, тврди Емшиу.

По неговото сведоштво, реагираше лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, прашувајќи кој му се заканувал на Емуши.

-Она што е вистинска катастрофа се заканите по живот кон Ибин Емшиу, да не сведочи за фрапантната вистина, за мувлосаниот и скапан здравствен систем, кој доведе до катастрофа .Прашањето е кој се заканувал? Кој сака на овој начин да се убие вистината и кому тоа му одговара? За да не влијаат на истрагата бараме веднаш оставки од Хасани, Филипче и Заев, кои патем да напоменам не чувствуваат ниту морална одговорност, напиша Мицкоски на Фејсбук.

Во пожарот што во средата избувна во ковид-центарот во тетовската болница загинаа 14 лица, а причините за трагедијата се цел на истрага на Основното јавно обвинителство – Тетово, а во неа се вклучени и експерти од Германија.

Поврзани новости