Полицијата го извести обвинителството за говорот на омраза од навивачките групи

by Fokus 15:59
15:59

Полицијата денеска достави известување до надлежното јавно обвинителство во врска со инцидентите во кои беа вклучени навивачки групи во центарот на Скопје и во населбата Ѓорче Петров.

Како што информираа денеска од МВР, СВР Скопје во текот на изминатите денови интензивно работело на расчистување на двата настани во кои беа инволвирани навивачки групи и други граѓани во Скопје, на подрачјето на ЕВР Центар и ЕВР Ѓорче Петров, на 13 и 19 септември.

- Advertising -

„Беа преземени сеопфатни мерки и активности во насока на расчистување на истите, утврдување на фактите во врска со настаните и идентификација на инволвираните лица во истите, преку  обезбедување на видео записи, разговори со лица инволвирани во настаните и др. Во полициска станица беа повикани 16 лица, а се преземаат и дополнителни мерки во оваа насока. Притоа, за сите досега преземени мерки и активности согласно Законот за кривичната постапка до Основното Јавно обвинителство во Скопје е доставено Известување за настанот од 19.09.2020, додека за настанот од 13.09.2020 известување ќе биде доставено во текот на утрешниот ден“, соопштуваат од МВР.

По завршување на мерките и активностите согласно добиените наредби од Основното јавно обвинителство во Скопје и по комплетирање на документацијата, најавија, ќе биде доставен соодветен поднесок согласно Законот за кривична постапка.

МВР апелира до сите навивачки групи и до сите граѓани да се воздржат од упатување пораки кои предизвикуваат и поттикнуваат омраза или насилство врз основа на расна, национална и верска припадност или врз основа на други особини, што е казниво согласно Законот за спречување на насилството и недостојното однесување на спортските натпревари, како и согласно Кривичниот законик.

Поврзани новости