Полицијата го истражува убиството на новинарката Маринова

by fokus

Бугарската полиција го истражува силувањето и убиството на телевизиската новинарка Викторија Маринова, чие тело беше фрлено во близина на Дунав.

Бугарскиот министер за внатрешни работи Младен Маринов денеска изјави дека нема докази што сугерираат дека убиството е поврзано со нејзината работа.

– Се работи за силување и убиство, посочи Маринов.

Буграската полиција сепак работи на сите евентуални сценарија истражувајќи ги можните врски со нејзиниот личен и професионален живот.

Маринова (30) е брутално претепана, силувана и задавена во саботата во Русе, северна Бугарија, а нејзиното тело беше пронајдено во парк во близина на реката Дунав.

Таа беше новинарка и уредничка на буграската телевизија ТВН и известуваше за истрагата за наводната корупција поврзана со фондовите од Европска унија.

Европската комисија денеска побара брза и темелна истрага за свирепото убиство на бугарската новинарка Маринова, нагласувајќи дека „нема демократија без слободни медиуми“, јави дописничката на МИА од Брисел.

– Со голема тага дознавме за убиството на Викторија Маринова. Европската Комисија очекува брза и темелна истрага која ќе ги изнесе одговорните пред органите на правдата и да се разјасни дали убиството е поврзано за нејзината работа, изјави денеска портпаролот на Европската комисија, Маргаритис Схинас

Портпаролот потсети дека претседателот на Еврокомисијата, Жан-Клод Јункер, пред еден месец во својот годишен говор истакна дека за ЕУ слободата на медиумите е „света“.

– Новинарите секаде мораат да бидат безбедни и да го даваат својот бесценет придонес за демократските општества, исракна Схинас.

Тоа е четврто убиство на новинар во ЕУ за нешто повеќе од една година, по случаите во Словачка, во Малта и во Данска.

Европската и Меѓунаордната федерација на новинари исто така побараа од бугарските власти во најбрз можен рок да ги идентификуваат и казнат одговорните и побараа општа европска мобилизација на земјите членки на ЕУ за заштита на новинарите.

– Уште еднаш новинар кој покрива корупција беше грозоморно убиен. Истражувачкото новинарство во Европа се повеќе е во опасност. Време е за акција од страна на државите – не смее да има неказнивост, изјави генералниот секретар на Меѓународната федерација на новинари, Антони Беланже.

Поврзани новости