Полицијата ги фатила екс градоначалникот на Ново Село и неговата сопруга како се развозуваат со општинското возило

by fokus

Екс градоначалникот на Ново Село, Блажо Велков, заработи кривична пријава затоа што и по завршување на неговиот мандат, се уште се служел со општинското возило кое му било доделено за службени потреби.

На 18-ти октомври полицијата ги застанала Велков и неговата сопруга во автомобилот сопственост на општината на пат кон Скопје. Како што велат од Министерството за внатрешни работи Велков се упатил кон Скопје по лични потреби.

Биле запрени пред влезот во Струмица, кај бензиската пумпа „Лукоил“. За време на контролата од страна на полициските службеници, неговата сопруга неовластено го снимала настанот со нејзиниот мобилен телефон. Полициски службеници по наредба на ОЈО- Струмица го одзеле и возилото и мобилниот телефон.

„Б.В. иако знаел дека му престанал мандатот како градоначалник на општина Ново Село, истиот ден кога му е врачено Уверение на новиот градоначалник на општина Ново Село, одбил да изврши примопредавање на моторното возило  сопственост на општина Ново Село, притоа  изготвувајќи си налог за патување со службено возило. Без оглед што немал повеќе овластување како градоначалник  со возилото, заедно со неговата сопруга, заминал за Скопје за свои приватни потреби. При извршената контрола над возилото било констатирано дека пријавениот, го управувал возилото и за истото самиот си изготвил Налог за користење на ПМВ, сопственост на општина Ново Село  за деловни потреби, без број од 18.10.2017 година, во кој  било наведено дека на ден 18.10.2017 година патува на релација од Ново Село до Скопје за службени потреби“, велат од МВР.

Велков ќе треба да одговара за две кривични дела „послужување во службата“ и „посебни случаи на фалсификување исправи“.

Поврзани новости