Полицаец осомничен за мито од 3.000 денари заврши во притвор од 30 дена

by fokus

Полицаец осомничен за мито, односно дека од возач земал 3.000 денари, за да не му напише казна поради три сообраќајни прекршоци, заврши во притвор од 30 дена. Како што информираат од Основното јавно обвинителство- Скопје полицаецот на 19 октомври бил фатен на лице место како го прима поткупот.

-Полицаецот во ноќта меѓу 15 и 16 октомври вршел рутинска контрола на преглед на возила во Скопје, при што го сопрел возилото на оштетеното лице и му констатирал три сообраќајни прекршока. Полицаецот го известил возачот дека за сторените прекршоци му следи казна во висина од 1000 евра, но дека доколку му даде 3000 денари, нема да му биде напишана казната. Возачот изјавил дека во моментов нема пари, но е согласен да му даде поткуп на полицаецот. Се договориле паричните средства оштетениот да ги остави во една од блиските продавници, каде ќе каже дека тие се за полицаецот. При тоа, службеното лице му зело генералии на возачот и телефонски број на кој во следните денови неколку пати го контактирал, се наведува во соопштението на обвинителството.

Возачот го пријавил полицаецот, по што во организирана акција, на 19 октомври бил фатен како го зема поткупот. Полицијата извршила претрес и во автомобилот на колегата, каде што нашле податоци за стотина граѓани, адреси и телефонски броеви.

-Најдените докази укажуваат дека осомничениот на ист начин ги обработувал и преземал коруптивни дејствија кон поголем број на граѓани, велат од обвинителството.

Поради сомневање дека полицаецот земал мито и од други возачи, обвинителството побарало да му се одреди притвор од 30 дена, а судот го изрекол.

Поврзани новости