Полицаец од Василево доби кривична пријава за несовесно работење во службата

by fokus

Против 44-годишен полициски службеник од општина Василево е поднесена кривична пријава за “несовесно работење во службата“ и “фалсификување службена исправа“. СВР Струмица за овие дела го товари полицаецот К.В.  од селото Сушево.

„Пријавениот К.В. во својство на службено лице – полициски службеник, на 05.09. минатата година при вршење на увид по случена сообраќајна незгода во која учествувале патничко возило и мотоцикл не ги земал потребните изјави од страна на учесниците во сообраќајната незгода со што не можеле да бидат точно прецизирани и точно утврдени фактичката состојба и виновникот за случената сообраќајна незгода. Наместо тоа, тој изготвил службени белешки за добиени информации преку непосреден разговор со граѓани само согласно “Правилникот за начинот на вршење на полициските работи“. Односно изготвил службени исправи кои подоцна ги употребил како вистинити и во содржината на едната од нив внел невистинити податоци во однос на изјавата од учесник во сообраќајната незгода кој притоа се здобил со тешки телесни повреди“, велат од полицијата.

Освен тоа, додаваат од таму, К.В. во рубриката “Потпис на граѓанинот“ своерачно ги ставил само првите букви од имињата и целите презимиња на лицата и потоа службените белешки ги заверил со своерачен потпис.

„На тој начин, на оштетените – учесници во сообраќајната незгода им било оневозможено да го остварат своето право на надомест на штета, односно била сторена потешка повреда на правата на возачите во остварувањето на правото за надомест на штета“, посочуваат од МВР.

Поврзани новости