Меѓу македонските граѓани доминира мислењето дека политичките партии и медиумите најмногу шират дезинформации. Голем дел од нив мислат дека можат да препознаат дезинформации, но признаваат дека понекогаш им се случува самите да споделат лажна информација. Граѓаните главно се информираат преку телевизијата, Фејсбук и веб-сајтовите, но многу малку им веруваат на медиумите.
Ова го покажуваат резултатите од истражувањето на јавното мислење за способноста на граѓаните да препознаат и да се справат со дезинформации, што Институтот за комуникациски студии (ИКС) го реализираше во текот на октомври како дел од проектот „Користи факти“.
Политичарите „прочитани“ од различни генерации
Граѓаните сметаат дека политичките партии најмногу шират дезинформации во Македонија, а на второ место се медиумите, покажува испитувањето на јавното мислења. Според перцепцијата на испитаниците, помал дел од нив одговориле дека државните институции најмногу шират дезинформации, а 13 отсто одговориле дека политичките партии, медиумите и државните институции подеднакво шират лажни информации.
Ставот дека политичките партии најмногу шират дезинформации доминира кај повеќе од половината од популацијата над 55-годишна возраст. Од друга страна, пак, најчест одговор кај младите е дека тоа го прават медиумите, иако често се споменуваат и политичките партии.
Граѓаните се информирани ама не им веруваат на медиумите
Главните наоди укажуваат на тоа дека поголем дел граѓани повеќе пати дневно се информираат за случувањата од светот. На прашањето „Кои теми најмногу ве интересираат?“ поголем дел испитаници ги избрале економијата и политиката, по што следуваат спортот, музиката и забавата, а на крај се климата и животната средина. Повозрасната популација најмногу ја интересира политиката, додека младите се најзаинтересирани за музиката.
Како извор на информирање најчесто се користи телевизијата, а на второ и трето место се Фејсбук и веб-сајтовите. Граѓаните на возраст од 18 до 44 години најмногу се информираат преку Фејсбук, додека пак телевизијата е најпопуларна кај групата граѓани од 45 до 64 и над 65-годишна возраст.
Што се однесува на довербата во медиумите, повеќе од половина од испитаниците изјавиле дека се сомневаат во сите вести што ќе ги прочитаат. Речиси третина проверуваат како е пренесена веста во другите медиуми, додека само 4 проценти од граѓаните имаат целосна доверба во медиумите и во вестите што ги читаат.
Колкава е способноста за препознавање дезинформации?
Повеќе од половина од граѓаните мислат дека понекогаш можат да препознаат дезинформации и сметаат дека понекогаш им се случува и тие самите да споделат неточни информации. Гледано според родот, мажите се посигурни дека секогаш можат да препознаат дезинформации во однос на жените.
Што се однесува на споделувањето дезинформации, една третина од граѓаните одговориле дека воопшто не им се случило да споделат, помал дел сметаат дека тоа им се случува често, додека повеќето сметаат дека понекогаш им се случува да споделат вести што се неточни.
Граѓаните најчесто се чувствуваат вознемирено во случаите кога ќе воочат дека прочитале дезинформација. На 30 отсто од испитаниците им е сеедно, додека по 10 отсто одговориле дека се многу лути или дека се смеат во таквите случаи. Чувството на лутина и вознемиреност е позастапено кај повозрасните групи граѓани.
Сензациите најмногу „палат“ кај најобразованите. На испитаниците во истражувањето им беа понудени неколку наслови за иста вест, а резултатите покажаа дека поголем дел испитаници би избрале да читаат вест со неутрален наслов. Доколку се анализираат податоците според нивото на образование, поголем дел испитаници со завршени постдипломски студии, докторат или специјализација би читале вест со сензационалистички односно лажен наслов. Од друга страна, пак, граѓаните со завршено основно, средно или високо образование најпрво би избрале да читаат вест со неутрален наслов.
Граѓаните се поделени и во врска со нивните ставови за теориите на заговор поврзани со Европската Унија. Па така, разликата помеѓу оние што се согласуваат дека ЕУ ги измислила вакцините за време на коронавирусот како механизам за контрола на граѓаните и оние што не се согласуваат со тоа е незначителна. Гледано според возраста, мнозинството граѓани на 25-34-годишна возраст (52 отсто) одговориле дека не се согласуваат со изјавата, додека во другите возрасни групи не се големи разликите помеѓу оние што се согласуваат и што не се согласуваат со веста.
Политичарите и медиумите да преземат одговорност
Резултатите од анкетата покажуваат дека во Македонија е потребно уште многу да се работи на зголемување на способноста на населението за препознавање на дезинформации и на нивните извори, но и на зајакнување на професионалноста во медиумите што би ја вратило довербата кај населението. Враќање на довербата е потребна и кај политичките партии. Очигледно е дека политичарите први треба да ги засукаат ракавите односно да понесат одговорност и да се воздржат од ширење лажни вести за дневно-политички цели.
Истражувањето е реализирано преку телефонска анкета на примерок од 1.010 полнолетни граѓани во октомври 2022 година, со цел да се утврди свесноста на граѓаните за заканите од дезинформации и нивните извори, да се утврди знаењето и вештините за препознавање дезинформации, како и однесувањето на граѓаните во однос на дезинформациите.
Истражувањето го спроведе Институтот за комуникациски студии, во соработка со Институтот за демократија „Социетас цивилис“, како дел од проектот „Користи факти“ кој е поддржан од Британската амбасада во Скопје. Проектот има цел да ја зајакне отпорноста на широката јавност и ранливите групи во Македонија кон дезинформациите.
Целиот Извештај од истражувањето на способноста на граѓаните за препознавање и справување со дезинформации прочитајте го ТУКА.