Покрената петиција за намалување на наставниот материјал за оваа година, ќе биде поднесена до МОН

by fokus

Здужението за едукативен развој „Еквалис“ и група на младински активисти започнаа кампањата „Спас за учебната година“ (#спасзаучебнатагодина) со којашто ја покренуваат петицијата за намалување на наставниот материјал на 70% во основните и средните училишта во Република Северна Македонија.

Досега, за четири дена од објавувањето, петицијата ја потпишале повеќе од 2.300 граѓани и таа бројка постојано расте.

Антина Анастасова, средношколка која е дел од групата младински активисти кои ја покренаа петицијата, во изјава за „Фокус“ вели дека причината поради која бараат намалување на наставниот материјал е недоволната подготвеност за онлајн настава, која ги затекнала и учениците и професорите.

-Моменталната состојба која е на глобално ниво, го наруши образовниот процес во нашата држава. Новонастанатата ситуација нѐ затекна сите не подготвени, како учениците така и професорите. Министерството за образование и наука обидувајќи сѐ да изнајде начин за решавање на проблемот се реши за воведување на онлајн настава. Иако има аргументи за и против, ние како директно инволвирани учесници во процесот сме според наше мислење најупатени да говориме за проблемите кои произлегуваат од истото. Големиот обем на материјалот, недостаток на електронски уреди во семејствата потребни за следење на наставата, отсуството на еден концизен начин за нејзино спроведување, се уште недефинираниот начин за сведувањето на крајните оцени се неколку од проблемите со кои што се соочивме ние како ученици, но и наставниот кадар, вели Анастасова.

Таа додава дека благодарение на поддршката од граѓаните, петицијата ќе биде поднесена до МОН.

-Се надеваме дека од нивна страна ќе бидат разгледани нашите барања како би се пронашол поприфатлив начин за изведување на наставниот процес, вели Анастасова.

Групата младински активисти наведува и 7 причини зошто ова барање треба да биде земено во предвид:

  1. Ист обем на материјалот како во нормални услови- иако условите се вонредни
  2. Повеќечлените семејства немаат доволно електронски уреди дома за следење на наставата (на пример:случаи со 3 деца во еден дом, а имање само еден компјутер. Или случаи на дете-ученик и професор во ист дом, а ограничен број на уреди)
  3. Отсуството на еден концизен начин за спроведување на онлајн наставата. Секој професор има различна платформа што ја користи- што во некои случаи може да значи дека учениците треба да следат повеќе од 5 различни платформи за своите задачи
  4. Занемарена психолошка состојба или домашната атмосфера на учениците со оглед на тежината на ситуацијата (паника, случаи на семејно насилство, анксиозност, делење на соба помеѓу повеќе деца од семејството коишто треба да имаат онлајн настава во исто време)
  5. Отворени и нерешени прашања за  сведување на крајните оценки што создава притисок и врз професорите и врз учениците
  6. Непридржување до првичниот распоред на часови особено во поглед на зададени задачи. Ако по еден предмет имаме три пати неделно настава- да не се задаваат задолженија како тој предмет да се има пет пати во недела
  7. Кратки временски рокови и голем притисок за доставување на задачите и покрај големиот постоечки притисок со општата состојба во државата

К.С.

Поврзани новости