Покрената петиција за измени во законот за забрана за пушење: Ако нема дим во кафеаната, ќе нема и гости

by fokus

Засилените контроли за пушење во угостителстките објекти во изминативе денови од страна на државен пазарен инспекторат, ги исплашија угостителите, но предизвикаа и револт кај пушачите. Забраната за пушење и на терасите, ја прели чашата на пушачите, кои што започнаа онлајн петиција со која што бараат промени во законот за забрана на пушење на цигари.

,,Со донесување на законот за забрана на пушење во затворен простор од јавен карактер, од една страна се врши заштита на група на граѓани непушачи, но од друга страна имаме дискриминација на пушачите. Со оваа дискриминација се оштетени граѓаните кои пушат, и е нарушено нивното право на слободен избор. ГРАЃАНИТЕ КОИ ПУШАТ СЕ ДИСКРИМИНИРАНИ, ВО ОВАА ДРЖАВА СЕ ГРАЃАНИ ОД ВТОР РЕД. Воедно огромни загуби трпат и угостителските објекти кои поради овој закон имаат намалена фреквенција на луѓе и намален промет. Мора да се направат промени со кои никој нема да биде обесправен. Да се донесат измени каде што угостителските објекти, со физичка поделба ќе можат да обезбедат место и за пушачи и непушачи. Тоа е возможно’’ – е наведено во петицијата која што ја потпишуваат се повеќе граѓани.

На темава разговаравме со неколку угостители од Скопје, но и од внатрешноста на земјава. Сите се категорични дека со законот против пушење им е нанесена голема материјална штета и се потребни негови измени.

,,Имам кафеана и едвам излегувам на крај со сметките. Чекам да дојде лето, да ја отворам бавчата, па во тие неколку месеци да извадам пари и за периодот кога ми работи само затворениот дел на кафеаната, бидејќи искрено, човек не стапнува внатре во зима. Имаме порачки на храна за дома, а гостите се многу ретки. Минатиот месец, дојдоа гости кои што инсистираа да им дадам пепелници, и ветија дека ако заработат казна, самите ќе ја подмират во целост. Ризикував, и ги послушав. Набргу и на друга маса седнаа гости, и тие ми побараа пепелник, бидејќи видоа дека внатре се пуши. За еден час, се наполни кафеаната. Истото се случуваше во наредните три – четири дена, значи не можев да престигнам од работа, дури зедов двајца помошници. За неколку денови, зарабоотив колку за цел месец. Потоа ме посети еден инспектор, приватно, и ми рече дека ќе има контроли за пушење, бидејќи во многу објекти не се почитувала забраната. Ми рече да не си играм, оти казните се ептен високи. Што да се прави, ги тргнав пепелниците од масите, а заедно со димот, ги снема и гостите. Сега ќе го чекам летото, кога се отвора бавчата, а до тогаш ќе преживувам и ќе се чудам како да излезам на крај со слабиот промет’’ – ни раскажа угостител од внатрешноста, кој што од разбирливи причини бараше да остане анонимен.

Друг сопственик на две кафеани, пак ни кажа дека никогаш не ги тргнал пепелниците од масите во своите локали.

,,Уште кога се воведе забраната, знаев дека најмногу ќе не удри по џеб нас, угостителите. Затоа забраната за пушење не се почитуваше во моите локали, бидејќи не сакам да ги изгубам гостите. Неколку пати платив казна, но имам повеќе есап да платам казна од време – на време, отколку да ги затворам кафеаните’’ – вели тој.

Повеќето угостители со кои што разговаравме, едногласни се дека мора да се направат измени во законот за пушење и да се земат во предвид и пушачите, чии што права се занемарени во случајов. Сметаат дека треба да се воведат нови правила и стандарди околу вентилацијата во локалите, или пак да се воведе можност за избор, дали сопственикот сака да има локал во кој што ќе се пуши, или пак локал во кој што воопшто нема да биде дозволено пушењето, во ниту еден негов дел. Така и самите гости ќе можат да одлучат каде да одат, според својата определба.

,,Кога би се запрашале угостителите, дали би одбрале локал во кој што се пуши, или пак во кој што целосно е забрането пушењето, сигурно дека над  90 проценти ќе се одлучат за првата варијанта, за пушењето. Јас и самиот сум непушач, но сепак, ова е кафеана, а не карантин. Испочитувани се само непушачите, додека останите граѓани, кои што ги има во голем број, се оставени без право на глас. Потребни се измени кои што би им одговарале и на двете страни. Никој не сака да троши пари во кафеана, а при тоа да биде принуден да излегува надвор на минус петнаесет степени за да запали цигара. А за воља на вистината, непушачите најчесто се луѓе со здрави животни навики, кои што дури и не конзумираат многу алкохол, скара и слично, па најчесто во кафеаните пијат безалкохолни пијалоци, порачуваат салати и слично, и не оставаат многу пари во нив’’ – вели угостител кој што е веќе трета генерација во семејството која што се занимава со угостителство.

Законот за пушење стапи на сила во октомври 2010 година. На самиот старт наиде на низа реакции и спротивставен ставови. Според него, се превидува глоба од 2000 до 4500 евра за правното лице кое го прекршува законот, и казна од 500 до 1000 евра за одговорното лице.

Вики Клинчарова

Поврзани новости