Поднесени обвиненија за руската вмешаност во американските избори

by fokus

Големата сојузна порота во Вашингтон ги одобри првите обвиненија во истрагата за наводната руска вмешаност во претседателските избори во САД минатата година, објави СИ-ЕН-ЕН.

Обвиненијата се запечатени по налог на федерален судија и не е позната нивната содржина, а секој кој се соочува со обвинение може да биде уапсен во понеделник.

Американските разузнавачки агенции заклучиле дека Русија се мешала во изборите и му помогнала на претседателот Доналд Трамп да ја победи Хилари Клинтон преку хакирање, објавување на непријатни пораки од електронската пошта и ширење на пропаганда по пат на социјалните мрежи со цел да се дискредитира нејзината кампања.

Посебниот советник, Роберт Милер, истражува дали службениците вклучени во изборната кампања на Трамп, се инволвирани и го поддржале руското влијание врз изборите.

Исто така се истражуваат и други кривични дела, вклучувајќи опструкции на правдата, перење на пари и затајување на данок.

Трамп ги отфрли обвинувањата дека неговиот штаб соработувал со Русите и ги осуди истрагите како прашање на лов на вештерки.

Милер е именуван од Министерството за правда за да ја води истрагата откако Трамп го отпушти директорот на ФБИ, Џејмс Комеј, кој ја водеше федералната истрага за можна соработка со Русија.

Во јули агенти на ФБИ упаднаа во куќата на поранешниот менаџер на кампањата на Трамп, Пол Манафорт во Вирџинија, чија вмешаност и претходен ангажман за проруската политичка партија во Украина ја истражуваше тимот на Милер.

Поврзани новости