Поделени ставови за Концепцијата за основно образование во Собранието

by fokus

Со критики и поддршка доцна попладнево во Собранието продолжи јавната расправа за Нацрт-концепцијата за основно образование.

Професор д-р Петар Атанасов во своето обраќање запраша каков е тој концепт за кој образовни институции и соодветни факултети се изјаснуваат негативно.

– Тоа е поразувачки. Многу здруженија на професори од различни науки и дисциплини не дадоа поддршка за ова, напротив со вашите предлози ја вознемирувате образовната база. Најавата за големи промени не ги радуваат учесниците во образовниот процес. Искуството покажа дека големите промени ни прават голема штета. Во овој момент во јавноста предизвикувате конфузија, се однесувате арогантно особено со средношколците и не успевате да возвратите на критиките, избегнувате медиуми, не сакате да дебатирате со стручната јавност, нагласи Атанасов.

Тој предлага понудената концепција за основното образование поради, како што рече, многубројните негативни реакции на стручната јавност пред се да се повлече од страна на МОН, а во која друга следна, според него, мора да учествуваат многу поголем круг на експерти.

Според проф. д-р Митко Панов, со овие промени ништо не се менува, само се прави маска.

– Без оглед што на предметот општествени науки кој и без тоа беше дефиниран како провизорен од самите автори, ништо не се менува и натаму предметот историја е инкорпориран освен што добива име на истиот предмет со тоа што општествени науки сега станува историја и општество, но не видовме дали тоа претпрува некакви рефлексии во контекс на промената на самиот концепт на предметот. Интегративноста колку што разбравме останува. Повторно го имаме тој минизимизирачки однос кон историјата, смета Панов.

Проф. д-р Никола Минов ја повика министерката Мила Царовска и креаторите на оваа концепција, како што рече, да ги послушаат попаметните луѓе во државава и во Европа, дека историјата треба да остане самостоен предмет.

За проф. д-р Мирјана Најчевска, оваа промена во образованието требала да се случи уште пред 30 години.

– Гледам добра основа во понудената концепција, не велам дека е совршена, но оваа и ваква концепција е токму она што ни е потребно во моментот. Во концепцијата ја гледам Конвенцијата на правата на детето и тоа е секогаш солидна основа за развивање на промената, рече Најчевска, додавајќи дека концепцијата е сложена и само паметни луѓе можат да ја разберат.

Професорот Кирил Барбареев праша уште колку години треба да зборуваме, анализираме, истражуваме и констатираме дека имаме слаб образовен систем, но дека сега не е време за негова реформа.

Поврзани новости