Поделба на ресорите: Дали во правда ќе седне човек „од надвор“?

Ковачевски сака на чело на Министерството за правда да застане непартиски кадар од академската заедница, а нов министер за одбрана бира меѓу блиски соработници на Заев и Шекеринска, дознава Фокус.

by Фокус

Новиот лидер на СДСМ и иден премиер Димитар Ковачевски, пред божиќните празници водел интензивни поединечни разговори со кадрите што треба да ги предводат ресорите во идната влада, а начелните договори треба конечно да се потврдат на денешните состаноци на Бихаќка и да се официјализираат на утрешните седници на партискиот извршен и централен одбор.

И денеска Ковачевски одби да ги открие луѓето со кои ќе соработува во идната влада, истакнувајќи дека станува збор за „тим од нови луѓе и докажани кадри од претходната влада“ кои, како што рече, имале добра реализација и резултати во своите ресори и од нив очекува „максимално посветена работа и фокус на приоритетите од програмата“.

Но, што велат неофицијалните информации? Она што е дефинитивно сигурно, основната конфигурација на владата останува иста, откако отпадна идејата да се воведуваат нови министерства без ресор, како обид да се задоволат „помалите“ коалициски партнери, кои изразија незадоволство од делот од владиниот колач што го доби најновиот владин партнер – Алтернатива на Африм Гаши.

По излегувањето на Беса, владата го изгуби парламентарното мнозинство, па ситуацијата ја искористи Алтернатива. Како што веќе информираа од партијата на Гаши, нови членови на владата од нивните редови ќе бидат Џемаил Чупи (вицепремиер за дијаспора), Беким Сали (министер за здравство), Адмирим Алити (министер за администрација).

Во изминатиов период, се водеа преговори и со „помалите“ предизборни коалициски партнери на СДСМ. Некои од нив, како Демократски сојуз на Павле Трајанов, воопшто не биле заинтересирани да добијат министерство без ресор, но побарале нивниот заменик-министер да ротира во друго министерство.

Други, пак, немале ништо против да добијат вицепремиер со одредени задолженија, но од другата страна добиле понуда да раководат и со министерски ресор. Таков е случајот со НСДП на Тито Петковски, со кого се воделе разговори нивната пратеничка Соња Мираковска да го презеде министерството за труд и социјала. Сепак, на крајот не бил постигнат договор.

Така, единствен предизборен партнер на СДСМ кој останува да раководи со министерство и во идната влада ќе биде лидерот на ЛДП и министер за локална самоуправа Горан Милевски, кој на последните локални избори настапи во посебен сојуз со ДОМ на Маја Морачанин. Воедно, во преговорите за формирање на нова влада тие успеале да договорат реализација на дел од проектите од нивните програми.

Исто така, промена нема да има ниту во Министерството за внатрешни работи, со кое ќе продолжи да раководи Оливер Спасовски. Иако при последните партиски промени остана без висока функција во СДСМ, сепак, тој ужива поддршка во партиската база, а воедно новото партиско раководство оценило дека имал солиден перформанс како министер, плус било заклучено дека не би било добро да се прават промени среде мандат во вака клучен ресор.

Понатаму, досегашните функции во владата дефинитивно ќе ги задржат министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, како и вицепремиерот за економија Фатмир Битиќи, кој беше единствен од старите потпретседатели на СДСМ што остана на оваа висока партиска функција и после повлекувањето на поранешниот партиски лидер Зоран Заев.

Но, промена ќе има на други места. Имено, нов вицепремиер за евроинтеграции, на местото на Никола Димитров, ќе биде досегашниот министер за правда и организациски секретар на СДСМ Бојан Маричиќ. При ваквата ротација, се ослободува министерското столче во правда, околу кое има најголема неизвесност кој ќе го предводи во наредниот период.

Според неофицијални информации на Фокус, идејата на Ковачевски не е на оваа позиција да застане човек од партиските структури, туку непартиски кадар од академската заедница. За таа цел, како што велат високи партиски извори, тој водел разговори со неколку универзитетски професори, но дали ќе постигне конечен договор и со кого е неизвесно до последен момент.

Воедно, одредена неизвесност има и околу идниот министер за одбрана, откако се уште актуелната министерка Радмила Шекеринска најави повлекување, бидејќи, како што рече, нејзините сопартијци не научиле ништо од грешките. Деновиве, пак, таа порача дека не треба да се импровизира со изборот за најзин наследник, па се смета дека ова кадровско решение значително ќе влијае врз односите меѓу неа и новото партиско раководство.

Како нов министер за одбрана, се споменува актуелниот вицепремиер за антикорупција, довчерашен генерален секретар на СДСМ и близок соработник на Заев – Љупчо Николовски, кој требаше да раководи со овој ресор ако Шекеринска заминеше на амбасадорска служба во САД. Меѓутоа, во игра за оваа позиција влезе и Катерина Ставревска, која своевремено го напушти МНР и стана шеф на кабинет на Шекеринска во одбрана.

Исто така, повлекување од владата најави и министерката за образование Мила Царовска, чиј ресор ќе го преземе досегашниот министер за информатичко општество и администрација Јетон Шаќири од ДУИ. Од партијата на Али Ахмети веќе известија дека нема да има промена кај останатите ресори со кои раководат (Фатмир Бесими-финансии, Крешник Бектеши-економија, Бујар Османи-МНР, Артан Груби-политички систем…).

Што се однесува до останатите ресори, најверојатно Трајан Димовски ќе биде старо-нов министер за земјоделство, а нема дилеми дека нова министерка за култура ќе биде новата потпретседателка на СДСМ Бисера Костадиновска – Стојчевска.

Влатко Стојановски

Поврзани новости