Под водство на Јевросимовиќ „Алфа“ почнува да добива илјадници евра од Владата

by fokus

Откако се смени сопственичката структура во телевизија „Алфа“ во 2013та година почнува нејзината тесна соработка со Владата на Никола Груевски. Под водството на српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ оваа телевизија почнува да добива значително повисоки суми за емитување на владини реклами.

Само една година по добивањето на национална концесија „Алфа“ се наоѓа меѓу првите медиуми кои добиваат најголемо парче од владиниот колач за реклами и пропаганда. Договорите на Владата со оваа телевизија надминуваат половина милион евра, иако во тоа време телевизија која со години зрачела во македонскиот етер добила само 22.000 евра.

Периодот на добивање високи суми од Владата се поклопува со периодот кога дојде до промена на сопственичката структура во оваа телевизија. До 2013та година сопственик на „Алфа“ беше бизнисменот Штерјо Наков преку компанијата „Фершпед“, меѓутоа во септември 2013 година српскиот бизнисмен Веселин Јевросимовиќ преку својата македонска компанија „ЦХС Инвест груп“ откупи 56 проценти од акциите на телевизијата.

Од тогаш се смени и уредувачката политика, па од критички настроена, „Алфа“ почна отворено да ги поддржува ВМРО-ДПМНЕ и Никола Груевски. Паралелно со тоа се смени и составот на редакцијата, независните новинари беа отпуштани или самоиницијативно си заминуваа, а на нивно место доаѓаа новинари преземени од други медиуми кои опстојуваат под капата на партијата.

По промена на власта повторно доаѓа до промена во сопственоста на телевизијата. Лани компанијата „ЦХС Инвест груп“ ја презеде познатиот продуцент и менаџер Иво Јанковски, а со тоа и управувањето на „Алфа ТВ“, меѓутоа летово тој им ја препушти „ЦХС Инвест груп“ на Горан Балаќ од Србија и на Петер Шац од Унгарија.

Поврзани новости