Почнуваат рамазанските пости за муслиманските верници

by Фокус

За верниците од исламска вероисповед денеска почнува Светиот месец – Рамазан. Во наредните 30 дена муслиманските верници ќе постат од изгрејсонце до зајдисонце.

„Овој месец е симбиоза на сето тоа што може да се изрази само преку постот, затоа, го молиме Севишниот Алах да ни овозможи уште еднаш да го исчистиме и да го воздигнеме нашиот дух, со што ќе бидеме по убедени и по близу до Бога“, стои во пораката што на верниците им ја упати поглаварот на Исламската верска заедница во Македонија, рес-ул-улема ефенди , Сулејман ефенди Реџепи.

Претседателот Ѓорге Иванов испрати честитка до реисот и до сите граѓани со исламска вероисповед.

„Одбележувајќи го почетокот на постите за големиот празник Рамазан – бајрам, кој според муслиманските верувања е месец на проштевање, истрајност и посветеност кон верата, верувам дека и годинешново празнување ќе помине во духот на споделување на љубов, милосрдие и добрина“, се вели во соопштението.

Честитка до исламските верници пристигна и од Зоран Заев, претседателот на СДСМ.

„Дозволете на сите верници од исламска вероисповед во Република Македонија, и Вам лично да Ви упатам искрени желби за добро здравје, благосостојба и мир во душата. Верувам дека, како и досега, ќе останеме цврсто обединети во заедничкиот стремеж за непрекината промоција на мултикултурната соработка и соживот во нашата држава. На тој начин заеднички ќе придонесеме во остварувањето на поголема духовна благосостојба на сите граѓани во Република Македонија“, се вели во соопштението.

Поврзани новости