Почнува прославата 1000 години од постоењето на Охридската архиепископија

by fokus

Со бројни културни, научни, академски, образовни и спортски настани, организирани на локално, но и на највисоко државно ниво, годинава ќе се одбележува еден милениум од постоењето на Охридската архиепископија, како еден од најзначајните јубилеи за македонската држава и народ.

Директорот на Комисијата за односи со верските заедници и религиозните групи Даријан Сотировски, најавувајќи ја програмата посветена на значајниот јубилеј, истакна дека се работи за извонредно значаен настан – одбележување еден милениум од постоењето на една важна црковна и духовна организација, која го обединувала народот и му помогнала да премости многу тешкотии од најразлични временски епохи.

Највиските државни инстутиции заедно со локалните власти и МПЦ имаат изготвено пригодна програма со цел достојно да се одбележи јубилејот, а истовремено да побуди интерес кај сите возрасни категории. Активностите се распределени да се одржуваат од денеска па се до крајот на календарската година, во чии рамки се предвидени ликовни колонии, промоција на научни дела, поштенски марки, монети, училишни конкурси, издавање значајни публикации, организирање научни академски собири, па и спортски активности осмислени да го привлечат вниманието на пошироката јавност.

Градоначалникот на Охрид, Јован Стојаноски истакна дека Охридската архиепископија има посебно место во нашата богата духовна историја, која освен на македонско тло се простирала и на српска, бугарска и албанска територија, придонесувајќи Охрид како нејзино седиште да се развива во центар на православието и културата.

Поврзани новости