Почнува нова борба за спас на ГТЦ

by fokus 18:31
18:31

Одлуката за продолжување на изградбата на проектот „Скопје 2014” во чии рамки е и измена на ликот на Градскиот трговски центар, Македонската опера и балет и Универзитетската библиотека, повторно ја разбранува јавноста.

Градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски најави дека ќе ги употреби сите правни и институционални средства што му стојат на располагање, да го спречи ширењето на барокизацијата во градот.

Владата за да ја спроведе постапката за нов барокен изглед на ГТЦ, МОБ и Универзитетската бибилотека од објекти на културно наследство ги прогласи за објекти од посебен интерес, со што општината Центар ги губи сите ингеренци.

Од Асоцијацијата на архитекти на Македонија велат дека на овој начин власта системски ги отстранува сите легални препреки за реалицација на нејзиниот план и остро се противат на ширењето на барокот.

„Ставот на ААМ по ова прашање е дециден. Ние остро се спротивставуваме на ГТЦ да му се смени автентичниот изглед и функционалното решение. Овој став јасно сме го искажале изминативе неколку години и сме презеле голем број на активности. Ги следиме последните настани на оваа тема и планираме и во иднина да  ги превземеме сите легални средства кои ни се на располагање како и разни граѓански активности со цел да ја добиеме битката за ГТЦ иако, како што сме навеле многу пати битката е нерамноправна“, велат од ААМ.

Реакции имаше и од опозициската СДСМ која повика на граѓанска непослушност, а апелираше и до градежниците да го одбранат ГТЦ.

Граѓанската иницијатива „Го сакам ГТЦ“ пак,  ја разгледува можноста одлуката на Владата да ја обжали пред Уставен суд. Оттаму порачуваат дека валадата тера инает, а периодот за продолжување на постапката е намерно одбран.

Инаку, борбата за спас на автентичниот изглед на ГТЦ трае веќе три години, а за тоа време беа организирни низа протести и трибини за зачувување на објектот, кој е еден од глвните симболи на Скопје.

На еден од протестите, скопјани симболично го гушнаа трговскиот, порачувајќи ГТЦ да не се облекува во барок, а за спас на модернистичкиот бисер беше организиран и референдум на кој се собраа повеќе од 10 000 потписи.

Поврзани новости