Почнува гласањето за избор на нов градоначалник на Општина Штип

by Fokus

Во Штип денеска почнува изборниот процес за избор на нов градоначалник на општината, кој ќе има мандат од девет месеци, до новите редовни локални избори во 2021 година. Правото на глас од утринава го остваруваат 12 болни од Ковид 19 и лица кои се изолирани поради контакт со некој од заразените.

Претседателката на Општинската изборна комисија (ОИК)-Штип, Сенка Андреева вели дека ангажирани се два медицински избирачки одбори, кои со скафандери и заштитна опрема ќе ги посетат граѓаните кои се позитивни на коронавирусот и кои сакаат да го остварат правото на глас. Слабиот интерес за гласање на болните од коронавирусот и на изолираните лица  се должи и на тоа што голем дел од нив деновиве добиле негативен тест или им завршува рокот на изолација. Во изминатите пет дена во здравствениот билтен на Министерството за здравство се регистрирани вкупно 163 оздравени граѓани.

Во сабота, гласаат болните и немоќните и осудените лица. Избирачките одбори во домовите ќе посетат вкупно 66 болни и немоќни лица, а за петте казнено-поправни институции во земјава формирани се исто толку избирачки одбори, кои треба да овозможат гласање на 67 осуденици од Штип.

Во недела е изборниот ден, кога во 7 часот ќе се отворат гласачките места, а во 19 часот ќе се затворат. Според Државната изборна комисија, во изводите од Избирачкиот список за гласање во Општина Штип  запишани се 39.605 гласача. Во посебниот избирачки список што се однесува на лица кои се на привремен престој или работа во странство се запишани 2.103 лица, во посебниот избирачки список кои се во затвор или во притвор запишани се 67 граѓани и лица згрижени во домови за вонсемејна заштита се двајца гласачи.

Вкупниот број на гласачи е 41.777. Државната изборна комисија поради здравствените протоколи премести и пет избирачки места на локации, со што гласачите и членовите на избирачките одбори ќе бидат заштитени од заразата на коронавирусот. Обезбедена е заштитна опрема и средства за дезинфекција. Граѓаните на Штип своето право на глас можат да го дадат за еден од петмината кандидати за градоначалник.

Поврзани новости