Почна судскиот процес: Миле Хаџиски не памети ништо од убиството на Мери Јошевска?

by Фокус

Започна судскиот процес против Миле Хаџиски за убиството на Мери Јошевска од пред 22 години. Откако беше екстрадиран од Франција затоа што во отсуство беше осуден на 20 години затвор тој самиот побара ново судење. Обвинителката го прочита актот според кој Хаџиски дошл во посета во станот на Мери во Аеродром и по кусата караница ја удрил со пепелник, а потоа со нож и нанел 40-тина убоди.

Во својот исказ Хаџиски наведе дека се познавал со Мери, дека критичното утро бил кај неа дома, дека навистина започнале кавга затоа што Мери му се заканила дека ќе откриела оти е трудна од него и дека ако тоа не го прифати Миле таа со чичко и, кој работел во полиција, ќе конструирале случај со силување. Но откако започнала вербалната караница Хаџиски тврди дека понатаму не се сеќава што се случило.

– Не паметам ништо. Само дека дојдов кај неа и дека се каравме, а потоа не знам ништо. Се освестив вечерта дома во облека на која имаше крв. Излегов со еден пријател во кафе бар и таму ме приведе полицијата, тврдеше Хаџиски пред судот.

Процесот ќе продолжи со испрашување сведоци и вештаци, а потоа ќе следи презентација на докази. Адвокатите најавија дека имаат нови докази, но ќе ги приложат понатаму. Хаџиски беше екстрадиран од Франција каде што 15 години бил ангажиран во „Легијата на странци“. Претходно, тој избега од затвор во Швајцарија каде беше приведен за еден грабеж. Верувал дека француските власти нема да го испорачаат во Македонија затоа што е нивни државјанин и затоа што и служел на таа држава.

Во судницата присутни беа семејството на Хаџиски, но немаше никого од страна на Јошевска. Судот забележа дека не можеле да го пронајдат нејзиното семејство оти од адресата која ја имаат биле иселени.

 

Поврзани новости