Почна со работа владиниот кол-центар: На телефонскиот број 02/324-8040 сите информации за економските и другите мерки за Ковид-19

by Fokus

За поддршка на бизнисот и граѓаните во врска со економските прашања во услови на справување со кризата предизвикана од ковид-19, од денеска во функција е кол-центарот, информираат од Владата.

На телефонскиот број 02/324-8040  од 8 до 17 часот од понеделник до петок, а во сабота од 9 до 14 часот компаниите и физичките лица ќе ги добиваат сите потребни информации и појаснувања во врска со начинот и можноста за користење на економски и други државни мерки поврзани со справување со состојбата со ковид-19 на македонски и албански јазик.

LIVE Call Center контакт-линијата е донација од компанијата „Ассеко СЕЕ Македонија“ и на неа ќе одговара стручен тим.

За полесно справување со кризата предизвикана од пандемијата со коронавирусот, Владата донесе два сета економски и други мерки за бизнисот и граѓаните кои се во насока на поголема ликвидност на бизнисот и зачувување на работните места:

1. Финансиска поддршка за компаниите и самостојните вршители на дејност

– За исплата на плати за месеците април и мај компаниите ќе добиваат 14 500 денари по вработен;

– Бескаматни кредити за микро, мали и средни компании;

– Субвенционирање на 50% од придонесите на плати на вработените;

– Исплата на минимална плата за спортските работници и уметниците,

– Финансиска помош за занаетчиите и самостојните вршители на дејност.

2. Олеснување на обврските на компаниите и граѓаните за плаќање на долговите и обврските кон државата:

– Запрена е работата на извршителите до крајот на јуни;

– Одложување на плаќање на ратите на кредитите за 3 до 6 месеци за што поголемиот дел од банките веќе излегоа со свои понуди;

– Ослободување од плаќање на месечни аконтациите за данок на добивка за април, мај и јуни;

– Намалување на казнената камата за јавни давачки;

– Намалување на законска затезна камата за правни и физички лица;

– Ставена е во мирување давачката за ЗАМП;

– Се запираат стечајните постапки.

3. Поддршка за лицата коишто останаа без работа во услови на ковид-19:

– Согласно законот за вработување и осигурување во случај на невработеност граѓаните кои останале без работа ќе остварат надоместок преку АВРМ согласно нивните години работен стаж;

– Приспособување на системот на социјална заштита за брз влез на лицата кои останале без работен ангажман и биле дел од неформалната економија со цел да остварат право на гарантирана минимална помош.

4. Мерки за лицата во социјален ризик и корисници на други социјални права донесени се низа мерка:

– Дополнителна исплата на енергетски додаток за април и мај на околу 30.000 корисници;

– Продолжува исплата на образовниот додаток за третиот и четвртиот мерен период за учебната 2019/2020 година, без потврда за редовност во училиште;

– Продолжување на роковите за поднесување на барањата за остварување на право на еднократна парична помош за новороденче, и за додатоците за трето и четврто дете;

– Ослободување од закуп за социјални станови.

5. Мерки во делот на платен одмор

– Продолжување на платеното отсуство од работа поради нега и одгледување на новороденче и посвоено дете се до истек на траењето на времените мерки;

– Задолжително користење на годишен одмор во приватен сектор;

– Задолжително користење на годишен одмор во јавен сектор;

6. Фондови за помош за ковид-19

– Формиран е Фонд за туризам за поддршка на туристичките дејности;

– Се формира солидарен Фонд за ковид-19.

Владата продолжува да ја следи состојбата со ковид-19 и да носи мерки согласно реалните потреби на компаниите и граѓаните.

Поврзани новости