Почна со работа Комитетот за безбедно мајчинство

by fokus

Во Министерството за здравство, денеска, се одржа конститутивна седница на новиот состав на Комитетот за безбедно мајчинство, а нов претседател на Комитетот е доц. д-р Ана Данева Маркова од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство.

Министерството за здравство соопшти дека една од првите задачи на овој комитет ќе биде изготвување суштинска анализа на актуелната ситуација и состојбите во оваа област, и подготовка на акциски план со краткорочни, среднорочни и долгорочни решенија.

Членови на комитетот се лица со медицинска експертиза и долгогодишно искуство во областа на гинекологијата, акушерството, неонатологијата, педијатријата и сродни дисциплини, а целта е да се обезбеди сеопфатен пристап кон решавање на проблемите и координација на предложените акивности и мерки.

Министерот за здравство, Венко Филипче, изрази силна поддршка за работата на комитетот за безбедно мајчинство и соработка во однос на сите предлози, одлуки, заклучоци кои ќе бидат донесени за надминување на актуелните состојби со смртноста на новороденчињата.

Комитетот претставува консултативно тело на министерот за здравство и во наредниот период интензивно ќе се сретнува со цел побрзо и поефикасно обезбедување на препораките и предлог – мерките за унапредување на здравјето на мајките и децата, со посебен фокус на намалување на новороденечка смртност.

Поврзани новости