Почна селекцијата за прием на 600 полицајци во МВР

by fokus

Вкупно 3 972 кандидати се пријавиле на огласот за вработување на нови полицајци. Од денеска тие ја почнуваат проверката за физичката подготвеност, а финалните листи од 600-те кандидати што ќе бидат примени се очекува да бидат објавени до почетокот на октомври.

Проверките на кандидатите ќе се вршат во касарните Ѓорче Петров и Илинден и во Тренинг центар за обука Идризово.

Првата фаза ја опфаќа проверката на мотористичките способности. Критериумите коишто треба да ги исполнат кандидатите за полицаец биле дефинирани во соработка со Факултетот за физичка култура од Скопје. Физичките проверки и за жените и за мажите се состојат од склекови, стомачни склекови, скок од место, спринт на 100 метри и трчање на 1.200 метри.

Потоа следува втората фаза, а тоа е проверка на интелектуалните и емоционалните способности на секој кандидат. Третата фаза опфаќа тестирање на  кандидатите, како и писмено тестирање коешто се состои од општобразовен тест.

Оние шестотини кои ќе успеат да влезат на финалната листа ќе одат на едногодишна обука за полицаец, која опфаќа девет месеци теорија и три месеци кондициона обука.

Поврзани новости