Починатиот маж во Кавадарци бил позитивен на корона вирус

by Fokus 12:43
12:43

Позитивен е резултатот од тестот за корона вирус, посмртно направен кај 44-годишниот маж, кој беше пронајден починат во Кавадарци пред три дена.

Станува збор за државјанин од Албанија, кој извесен период живеел како подстанар во куќа во Кавадарци, а работел како градежник во Штип. Според последните информации, тој неколку дена бил починат, а откако газдите кај кои живеел не го виделе неколку дена наназад и не им одговарал на повиците, пријавиле во полиција на 5-ти април.

- Advertisements -

Полицијата ја обила влезната врата во делот на куќата каде тој престојувал и го пронашла мртов. Се претпоставува дека бил починат од први април, бидејќи од тогаш се немал појавено на работа. Бил направен увид, а била повикана и екипата на итната помош од ЈЗУ Кавадарци. Од страна на епидемиолозите постхумно му бил земен брис, а резулатот пристигнал во тек на вчерашниот ден.

Три лица од ЈЗУ Кавадарци, односно лекарот, медицинската сестра и возачот од Итната служба, кои излегле на местото на настанот се ставени во самоизолација. Се утврдува со колку лица од градот починатиот бил во контакт.

Во Кавадарци првите позитивни случаеви на корона вирус беа потврдени од МЗ на 20-ти март. Станува збор за двајца сопружници, од кои жената е вработена како лекар во ЈЗУ Кавадарци. Поради контакт со нив, тогаш беа тестирани 67 лица од Кавадарци, претежно здравствени работници од кавадаречката болница, и повеќе лекари и медицински сестри беа ставени во самоизолација, бидејќи лекарката го носела сопругот на прегледи во болницата, а имале и домашни посети од Итната служба. Пред два дена директорот на болницата доктор Диме Коцев информираше дека сопружниците се пуштени на домашно лекување, откако на последните два теста биле негативни на вирусот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости