Починатата затвореничка над 20 пати била носена на клиника, но не ја задржале на лекување

by fokus

Четириесет и шестгодишна затвореничка Шуткија Мустафова за која „Фокус“ веќе информираше дека починала синоќа во 23.30 часот во женското одделение во затворот „Идризово“, во изминатиот период дури дваесетина пати била носена на клиника, а неколку пати и интервенирала и Брза Помош, но не била задржана на лекување.

Директорот на затворот „Идризово“ Живко Пејковски ни потврди дека синоќа затвореничката починала, истакнувајќи дека причината за смртта ќе се знае по завршувањето на обдукцијата.

-Затвореничката дваесетина пати беше носена на неколку клиники и тоа на Клиниката за гастроенхепатологија, на Клиниката за торакалноваскуларна хирургија, на Клиниката за кардиологија а неколку пати интервенираше и Брза Помош. Значи од тука сме постапиле како што треба, прашање е зошто не била задржана на лекување, истакна директорот Пејковски.

Нашите извори од женскиот затвор, кои по полноќ не информираа за смртта на затвореничката, велат дека таа починала од лекарска негрижа.

-Вистината е дека неколку пати ја носеа на клиника но ја враќаа со образложение дека не и е ништо, дека проблемите и се од психичка природа. Но тоа не е вистина, бидејќи жената последните три недели вриштеше од болка, а последниот месец ослабна цели 25 килограми. Здрав човек вака не реагира, појаснува затвореничка за „Фокус“.

Таа појаснува дека сите затворенички се во шок, бидејќи жената им починала пред очи, а тоа се случува многу често.

-Не сме должни да гледаме како нечиј живот згаснува. Тоа е страшно искуство, а сме го доживеале неколку пати. Да има нормална лекарска грижа тоа нема да се случува, вели нашата соговорничка.

Директорот Пејковски вели дека за смртта на затвореничката го известил Обвинителството и МВР, како и Народниот правобраните.

Валентина Вурмо

 

Поврзани новости