Почина кучето на Тоше, кое со денови по неговата смрт тагуваше и одбиваше храна

by fokus

Ретриверот Бас, миленикот на легендарниот музичар Тоше Проески, починал на 14-годишна возраст. Веста дека Бас си заминал кај Тоше, на неговата фан ја страница ја објавија администраторите, споделувајќи негови фотографии.

За приврзаноста на Бас кон Тоше, се пишуваше многу, по смртта на ѕвездата во 2007 година. Околу шест месеци пред да почине, Тоше го купил Бас од одгледувачница во Белград и го донел во станот во Злокуќани, каде тогаш живееше.

Се работеше за златен ретривер со многу светла, речиси бела боја на крзното, од една од најдобрите одгледувачници на Балканот, а тогаш за српските медиуми неговата девојка, ракометарката Андријана Будимир раскажа дека Тоше се појавил еден ден со Бас во рацете и и кажал дека го донел за да не биде сама додека тој има настапи.

По смртта на Тоше, негови блиски сведочеа дека Бас многу тагувал. Од Скопје, бил однесен во семејната куќа на Проески во Крушево, а првите денови по трагедијата, само седел во дворот и одбивал храна, па дури и вода.

Потоа, со тек на време, се приврзал со внукот на Тоше, Кристијан, кој често го шетал. Една година по смртта на Тоше, Бас победи на меѓународна изложба на кучиња, а Славен Ристески, зетот на Проески, тогаш изјави дека освоениот пехар на Бас ќе биде сместен во Спомен куќата на Тоше.

Тоше беше познат како голем љубител на кучињата. Во минатото раскажуваше дека неговиот прв пес бил сибирскиот самојед Барон, а потоа чувал пет шарпланинци. Не криеше дека секогаш тагувал кога некое од кучињата ќе починело, бидејќи на животните гледал како на најискрени пријатели на човекот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости