Почина Кирк Даглас на 103 години, кралот на Холивуд

by Fokus

Кирк Даглас, една од најславните холивудски легенди почина на 103 години, објави син му, глумецот Мајкл Даглас.

„Со огромна тага, моите браќа и јас објавуваме дека Кирк Даглас нѐ напушти на 103 годишна возраст“, напиша Мајкл Даглас на неговиот официјален инстаграм профил.

Беше роден како Исур Даниелович, син на собирач на стари работи. Почина како Кирк Даглас, крал на Холивуд. Даглас, кој почина вчера на 103 години, беше сила за промена и симбол на издржливост.

Мускулестиот, бурен актер со дупче на брадата, ја проживеа американската приказна на пресоздавање и истрајност, од богатството што го стекна и го ризикуваше до улогите што ги играше и границите што ги пробиваше. Како еден од најпопуларните, најразновидни и најпознати актери на 20 век, тој се воздигнуваше во улогите исто како што се воздигна од сиромаштијата.

Сега е запамтен како последната врска со таканаречената златна ера на Холивуд, татко на Мајкл Даглас и човек стар речиси колку и самата филмска индустрија. Но во неговите најславни денови, тој важеше за нов вид актер, понезависен и поавантуристички од Клерк Гејбл, Спенсер Трејси и другите великани на ерата на студијата во 1930-те и 1940-те, и поспремен да го каже тоа што го мисли. Кариерата му почна на врвот на моќта на студијата, а заврши во едно поразновидно, децентрализирано доба за кое тој даде свој придонес.

Даглас никогаш не освои Оскар за филмовите, но доби еден почесен, како и награда за животно дело на Американскиот филмски институт, почесен Златен глобус и Претседателски медал на слободата. Неговите најславни фимови се „Спартак“, „Патеки на славата“, „Седум дена во мај“, „Копнеж за живот“.

Во 1950-те, во времето на Макартизмот, во Холивуд се правеа црни листи со кои се запреа и уништја кариери на сценаристи, режисери и глумци осомничени за прокомунистичка активност или симпатии. До крајот на 1950-те, во индустријата сите знаеја дека се ангажираат забранети сценаристи, но тоа не беше познато во јавноста. Даглас, кој години претходно неволно ја потпишал заклетвата за лојалност за да ја игра главната улога во „Копнеж за живот“, го зададе конечниот удар на забраните кога отворено го ангажира забранетиот оскаровец Далто Трамбо за сценарист на „Спартак“ што излезе 1960. (Неколку месеци претходно, Ото Преминџер објави дека името на Трамбо ќе излезе на шпицата за „Егзодус“, но „Спартак“ излезе прв).

Даглас имаше два брака, и вкупно 4 деца кои сите отидоа во шоу бизнисот и покрај тоа што татко им ги советуваше да најдат друга работа. Покрај Мајкл, тука се продуцентите Џоел и Питер, и Ерик, актер кој почина во 2004 од предозирање со дрога.

Во март 2009, играше во монодрамата „Пред да заборавам“, потсетувајќи се на својот живот и славните пријатели. Четирите претстави во Тетатрот „Кирк Даглас“ во Калвер Сити беа распродадени.

„Знаете, никогаш не сакав да бидам филмски глумец. Мојата цел беше да бидам ѕвезда на театарската сцена. Сега знам како тоа да се постигне. Изгради си свој театар“, рече Даглас во 2009.

Поврзани новости