Денеска во Скопје на 76-годишна возраст почина филмскиот режисер Кирил Ценевски, пренесе НОВА ТВ.
Кирил Ценевски по многу параметри е единствена појава во македонската кинематографија. Контроверзноста слободно може да фигурира како негово средно име. Уште со првиот филм, ЦРНО СЕМЕ, ги освои не само најбитните награди на фестивалите во тогашна Југославија, туку е и прв македонски игран филм кој учествувал и бил наградуван на интернационални филмски фестивали.
Роден е во Крива Паланка, 28.1.1943. Филмски режисер и сценарист. Студирал на Архитектонско-градежниот факултет во Скопје. Со киноаматеризам се занима уште од студентските денови. Првпат на игран филм професионално е ангажиран како асистент на режисерот Љубиша Георгиевски во филмот ЦЕНАТА НА ГРАДОТ (1970). Во 1971 година Ценевски го режира филмот ЦРНО СЕМЕ, за којшто добива повеќе награди: Златна арена за режија на фестивалот во Пула, Златен венец за најуспешен деби, 11 Октомври и др.