Почина 22-годишен затвореник во затворот К’шење, го пронашле мртов во креветот

by fokus

Дваесет и двегодишен затвореник вчера утрината починал во затворот К’шење во Куманово. Од МВР велат дека затвореникот Љ.М бил најден починат, без траги на насилство.

„Фокус“ стапи во контакт со директорот на затворот, Маријан Спасовски, но тој не сакаше да одговори на нашите прашања. Ни посочи дека официјална изјава за случајот ќе даде Јовица Стојановиќ, директор на Управата за извршување на санкции.

Директорот Стојанковиќ за „Фокус“ вели дека обдукцијата треба да ја утврди смртта на младиот затвореник.

-Вечерта легнал, а утрината кога забележале дека го нема, провериле во ќелијата и го пронашле починат. На телото нема знаци на насилство, па останува да се почека обдукцијата за да се утврди причината за смртта, вели Стојановиќ.

Тој вели дека затвореникот издржувал 1-годишна затворска казна, а бил осуден и на неправосилна казна во траење од три години и шест месеци. Претходно пак бил во малолетнички затвор, како и во воспитно поправен дом.

Од партијата „Алијанса на Албанците“, пак бараат одговорност од оставка од министерката за правда, како и од директорот и заменикот директор на затворот.

-Со жалење ја добивме веста за смртта на 22 годишникот од населба Арберија Куманово, случај што го шокираше целиот град Куманово, но и пошироко. Момчето почина во затворот на Куманово во околности непознати за јавноста и неговото семејство. Алијансата за Албанците огорчена од случајот бара целосна одговорност од надлежните органи, и одговорните лица кои требаше да му дадат прва помош на еден млад затвореник. Во такви околности, дефинитивно мора да се преземе одговорност и јавно да се наведе причината за смртта, велат од партијата.

Оттаму додаваат дека затворот не треба да биде последна станица на никого.

-Затворот не треба да биде последна станица на никого, а камоли на еден млад човек кој беше таму да се ресоцијализира и да се реинтегрира за утре, ова општество му понуди живот, а не смрт. Не треба да се заборави дека ниту еден затвореник не може да биде задржан во затвор без да се потврди неговото / нејзиното целосно здравје, секој затвореник има право да се лекува надвор од затворската ќелија, секој затвореник има право да го продолжи животот во нормални услови кои не го загрозуваат нивното здравје, секој затвореник неспорно треба да има право на здравство како и сите ние надвор од затворот!, велат од партијата.

Оттаму бараат и морална и кривична одговорност за случајот.

-Алијансата за Албанците бара оставка од министерот за правда, директорот и заменик директорот на Затворот, и бараме кривична и морална одговорност за овој случај, доколку им преостана малку морал, се вели во соопштението на партијата.

Валентина Вурмо

 

 

 

 

Поврзани новости