Во врска со текстот „Застарената социјалистичка уредба на Топлификација која не мрзне сите“ објавен на порталот „Фокус“, на 02.10.2017 година и достапен на линкот, сакаме да информираме дека Снабдување со топлинска енергија Балкан енерџи работи согласно позитивните законски прописи и акти. Согласно со тоа снабдувањето со топлинска енергија и почетокот на грејната сезона е утврден во Правилата за снабдување со топлинска енергија чија последна измена е направена од 23.07.2015 година. Со измените се утврди дека грејната сезона може да почне порано од вообичаениот рок 15 октомври, но во зависност од временските услови.
Согласно прописите, грејната сезона трае од 15 октомври до 15 април, но по исклучок снабдувањето со топлинска енергија на тарифните потрошувачи може да почне и пред 15 октомври, но не и пред 1 октомври, доколку прогнозираната средна надворешна температура за наредниот ден е еднаква или помала од 12 0С, според податоците од Управата за Хидрометеоролошки работи на Република Македонија. Истите услови важат и за продолжување на грејната сезона по 15 април, но таа не може да трае подоцна од 30 април.
Конечната одлука за испорака на топлинска енергија во деновите пред 15 октомври и по 15 април, односно за тоа дали се исполнети условите, ја донесува Регулаторната комисија за енергетика на Република Македонија.