Почетокот на еден крај

by Fokus

Пишува: Х. Сулејман еф. Реџепи

Вџашен сум од синоќешните случувања во Парламентот на РМ што ескалираа во невидено насилство кон  дел на избраниците на народот и новинарите. Вандалското и криминалното еднесување на толпата која што една одредена политика ја злоупотребува веќе по долго време, претставува пред се разнебитување на демократските и цивилизацијските норми, но и многу низок удар врз денешнината и иднината на нашата заедничка држава.

Ужасот што владее во  Македонија и беше виден од целиот свет, раскрвавените пратеници, отворено искажаната омраза кон политичките неистомисленици и кон тие што припаѓаат на еден друг народ, за жал само ја употполнија сликата за една погрешна политика што еден дел на народот го користи за да се спаси себеси.

Не е потребно да се биде познавач на конспирациите за да се погоди која беше целта на инспираторите на “ протестите“ што трајеа скоро два месец и. Таканаречената “Тиранска Платформа“ беше само претекст што го употребуваа тие на кои не им е јасно дека часовникот на неминовните промени немилосрдно го отчукува времето до почетокот на крајот на национал- шовинистичката бајка.

По насилството што го доживеа Парламентот во кој што беше сериозно загрозен животот на повеќе политичари, уверен сум дека сите ние во Македонија дефинитивмно сфативме колку и  се потребни на оваа земја мирот, безбедноста, сигурноста, колку и се потребни општиот просперитет што ќе им гарантира по убава иднина на младите генерации.

Се обраќам на целата наша јавност, на сите луѓе, без оглед на политичката  ориентација и на националната и верска  припадност и апелирам да ги смириме страстите, да не дозволиме да не обземе спиралата на насилството. Македонија е земја што Бог ја благословил со мултинационалност и мултиконфесионалност, па затоа ајде да го искористиме овој Божји дар, да ја направиме Македонија земја достојна за живеење.

Среќната иднина на оваа земја може да се изгради само на темелите на едно демократско општество со евроатлантска ориентација, само со диалог и меѓусебно разбирање на сите луѓе што живеат тука. Да не дозволиме да станеме жртви на искривени политики, да ги поддржиме промените.

Ги повикувам сите претставници на политичките партии и на сите релевантни институции во земјата , посебно верските заедници, да го сториме и невозможното за да ја спречиме евентуалната ескалација на насилството кое што би можело да го доведе сериозно во опасност опстанокот на самата држава. Да го сториме тоа денес и веднаш за иднината на нашиот народ и за неговата иднина. Утре може да биде доцна.

Поврзани новости