Победуваме, сите тоа го чувствуваме во себе, атмосферата овде е баш, вистински победничка – вели во телефонски разговор за „Фокус“ Тања Ангеловска, сопруга на кормилото на нашата фудбалска репрезентација, Игор Ангеловски.
Околу стотина членови на семејствата на нашите фудбалери моментално од хотел во центарот на Букурешт, каде се сместени, тргаат кон стадионот. Тие појаснуваат дека имаат околу 45 минути пат до стадионот, но правилата биле дека вратите се затвораат околу час и половина пред мечот.
-Ги имаме упатствата за влез и прием во стадионот, мора да се испочитуваат ковид-процедурите, затоа и порано мора да бидеме таму. Овде атмосферата е славеничка, сите роднини на нашите фудбалски херои сме со една мисла и убедување – Победуваме! Тоа се чувствува во воздухот, имаме сплотеност и верба дека ова ќе биде наш трумф, пораката од сите нас кои сме овде е дека ќе ја направиме горди нашата нација – изјави Ангеловска.
Македонија во 18 часот ќе дебитира против Австрија. Ова е историски настан за нашиот фудбал и во повеќе локали низ целата земја се организира следење на големиот фудбалски меч.
Вики Клинчарова