Побарана оставка од министерот за здравство на Аргентина поради врски за вакцинирање преку ред

by fokus

Аргентинскиот претседател Алберто Фернандез побара оставка од министерот за здравство Гинес Гонзалес Гарсија по медиумските наводи дека луѓе користеле врски за да бидат вакцинирани против Ковид-19 преку ред, тврдат извори во аргентинската администрација.

Шефот на државата побарал оставка од министерот по јавните обвинувања дека барем десет лица примиле вакцина непочитувајќи ја редовната процедура, а меѓу нив бил и познат новинар кој изјавил дека се вакцинирал откако директно разговарал со Гарсија.

– Го побарав својот стар пријател Гинес Гонзалес Гарсија и тој ми рече да одам во болницата Посадас и да се вакцинирам, потврди новинарот Хорацио Вербитски за една локална радио станица.

Локалните медиуми објавија за повеќе случаи на вакцинација на политичари и други лица кои не спаѓаат во приоритетните групи.

Поради сето ова Фернандез побарал оставка од Гарсија, но засега не е објавено името на неговиот наследник, а аргентинското Министерство за здравство се уште нема дадено коментар, велат изворите во претседателскиот кабинет.

Од декември минатата година Аргентина ја користи руската вакцина Спутник В за приоритетна вакцинација на здравствените работници во „црвените зони“, а оваа недела во земјата започна вакцинирање и на некои лица над 70-годишна возраст, но со задолжително закажување и почитување на процедурите.

Поврзани новости