По забавата со Цеца, три дена рок во Кавадарци!

by Fokus

Денес во Кавадарци започнува возобновениот ,,Тиквеш рок фест 2018” во организација на Здружението за алтернативна култура ,,Алтер Центар“, и ќе трае до 15-ти септември.

Рок хепенингот за прв пат се одржал во 1992 година, кога учествувале 12 демо бендови од Кавадарци и Неготино, гости биле ,,Зијан”, ,,Боб Рок” и ,,Александрија”, а победници биле ,,Skylab” од Кавадарци. Второто издание се одржало во 1996 година, а гости беа ,,Анастасиа”, Влатко Стефановски Трио и ,,Last Expedition”.

Концертот на ,,Анастасиа” беше прогласен за концерт на годината во Македонија на манифестацијата ,,12 Величенствени“. Третото издание се случи наредната, 1997 година, со учество на рок бендови од Македонија, Бугарија и Црна Гора. Дваесет и една година по последното издание, фестот годинава продолжува со богата програма. Освен главниот концерт, фестивалот со други содржини станува мултимедијален, па така на 13-ти и 14-ти септември 2018, како подпрограма ќе се одвива сегментот ,,Алтернативни пејсажи“ кој е дел од манифестацијата ,,Нов културен бран 2018“ на Министерството за култура на РМ.

Во ,,Алтернативни пејсажи“, во четврток, на 13-ти септември, со почеток од 20 часот, во Галеријата при Домот на културата ,,Иван Мазов – Климе“ Кавадарци ќе се одржи промоција во живо на новиот сингл на кавадаречкиот рок бенд ,,Leksikon” – ,,Нова скала“.

Во петок, на 14 септември на истиот простор, од 20 часот ќе биде отворена изложба насловена како ,,Oblivion” на ликовниот уметник – графичар Трајче Јованов од Кавадарци. Во 20:30 часот е официјалната промоција во живо на првиот албум на кавадаречкиот рок бенд,,Smoke Shakers” –,,Stand Together” кој на самата промоција ќе биде достапен по промотивна цена.

Во сабота, на 15-ти септември 2018, со почеток од 20 часот, на Главната сцена во Паркот на револуцијата во Кавадарци ќе се одржи голем рок настан на кој со целовечерен концерт ќе настапат кавадаречките рок бендови ,,Leksikon” и ,,Bad-Ass-All” и специјалните гости на вечерта, култниот македонски рок бенд ,,Last Expedition”. ,,Тиквеш Рок Фест 2018“ е поддржан од Министерството за култура на Република Македонија и помогнат од Локалната самоуправа на општина Кавадарци и Домот на културата ,,Иван Мазов – Климе“ Кавадарци.

Организаторот, Здружение за алтернативна култура ,,Алтер Центар“ Кавадарци, од своето основање во 2012 година, континуирано организира алтернативни културни случувања (рок и џез концерти, изложби, поетски рецитали, урбани меморијални настани, фестивали и слично).

Вики Клинчарова

Поврзани новости