По три операции од рак на града и речиси одлежана казна, Весна Николиќ од „Фиком“ не добива помилување

by fokus

Весна Николиќ, осудена во случајот „Фиком“, веќе пет дена штрајкува со глад во затворот „Идризово“, а како што не информираше нејзиниот син Филип, покрај храната, одбива и лекарска помош и посета. Таа иако ги исполнува сите законски услови да добие предвремен отпуст од затворот, каде што помина веќе 10 години и 2 месеци, или пак помилување, се уште се држи зад решетки.

Покрај речиси веќе одлежаната казна, бидејќи е осудена на 12 години, нејзиниот син за „Фокус“ вели дека за Управата за извршување на санкции не е доволен ниту податокот дека Николиќ е со нарушено здравје, односно во изминативе три години имала три операции поради рак на града, а последната и била извршена неодамна.

-Мајка ми го изгуби здравјето, па сега се плашиме да не го изгуби и животот во затворот. Ги исполнува сите услови да ја пуштат, но сите барања кои се испратени до Управата за извршување на санкции се одбиени. И се одбиват и барањата за помилување, вели Филип, кој додава дека во затворот има лекар, но потенцира дека тој не е онколог, поради што се сомнева во соодветната лекарска грижа која ја добива.

Како олеснителна околност на Николиќ не и се зема ниту фактот што има четири деца, од кои две малолетни. Ќерки на возраст од 14 и 16 години. За нив се грижи, нивниот постар брат, 24-годишниот Филип.

-Кога ја затворија мајка ми тие имаа по само 4 и 6 години. Тогаш ни земаа и се што имаме. Немаме каде да живееме, па се снаоѓаме под кирија, вели Филип.

Николиќ за аферата за продажба на станови „Фиком“, беше осудена на 10 години затвор, но кога почнала да ги исполнува условите да излегува на викенд, според нејзиниот син, била осудена уште на две години за наводно затајување на данок.

-Па во пресудата за „Фиком“, каде што таа беше второобвинета, нема никакво образложение за некаква нејзина вина. Но, тоа не им беше пречка да ја затворат, а сега и да ја држат до последниот ден, истакнува синот на Весна.

Во „Фиком“ беше осуден и нејзиниот опруг, Никола Николиќ, кој минатата година во март, под сомнителни околности, беше пронајден обесен во затворот во Штип.

В.В.

 

Поврзани новости