Поради трагедијата која што се случи завчера во Тетово, а во која починаа четири деца и нивната мајка Фатиме Зулбеари, Советот на општината денес одржа вонредна седница на која прогласи три дневна жалост во Општината. За денови на жалост се прогласени денешниот ден, сабота и недела.
Во овие денови се откажуваат сите културни и спортски манифестации во општината, а знамињата пред општинската зграда ќе бидат поставени на половина копје.
Освен ова Советот на општината донесе и одлука на семејството Зулбеари да му се даде еднократна парична помош во висина од 2 милиони денари.
– Семејството Зулбеари покрај паричните средства веќе му е обезбедено сместување со помош и на други хумани лица за да им се тргне барем малку од товарот што тие во моментот го чувствуваат, додека за останатите семејства што претрпеа материјална штета во вчерашниот пожар формирана е комисија која во следните денови ќе ги констатира штетите и ќе определи соодветен надомест за тоа, рече градоначалничката Теута Арифи.