По спектакуларниот концерт, ДНК се заблагодари за поддршката

by Fokus

Популарното музичко дуо ДНК кое во Арената Борис Трајковски направи спектакуларен славенички концерт по повод 20 години на сцената, се заблагодари на македонските медиуми за поддршката низ годините. Во писмото кое музичарите го адресираа до медиумите, потсетуваат за важноста на соработката помеѓу јавните личности и новинарите, со зборовите дека тие се дел од нивната приказна и без нив славењето на јубилејот, ниту нивното постоење воопшто ќе биле возможни.

-Во името на ДНК (Панчо и Андреј) и целиот тим сакаме да ви се заблагодариме за несебичната поддршка која ни ја дадовте во изминатиов период, и што ни помогнавте заеднички да ја заокружиме приказната која ја пишувавме во изминатите 20 години. Вие сте дел од нас, вие сте дел од нашата приказна, и без вас ниту славењето на големиот јубилеј ниту нашето постоење воопшто, ќе беа возможни. Се вели, среќата е единствената работа што се множи кога се дели, а ние сме среќни што имаме пријатели како вас, среќни сме што имавме со кого да ја споделиме нашата љубов, емоции и музика и среќни сме што бевте и сте до и со нас. Ви ветуваме и вам и на нашата верна публика дека со исто темпо ќе продолжиме и во иднина, и уште еднаш од срце ви благодариме за сето одвоено време, простор и сета поддршка која ја добивме и добиваме од вас – порачаа Панчо и Андреј.

Нивниот славенички концерт е настан за кој деновиве се зборува во јавноста. Голем број на нивни обожаватели, колеги, политичари и јавни личности беа дел од публиката и објавуваа фотографии од веселата атмосфера.

Концертот имаше и хуманитарен карактер, и дел од средствата од продажбата на билетите е наменет за Фондацијата Марко Божиновски, во чест на починатиот млад ракометар, која поддржува млади спортисти.

Вики Клинчарова

Поврзани новости