Венко Филипче, министерот за здравство, на денешната прес конференција истакна дека со законски измени ќе се надмине проблемот со увоз на сомнителни лекови.
-Во владина процедура е изменетиот закон за паралелен увоз на лекови, согласно позитивната европска пракса, со кој се воведува сертификат на лекот и трага од која точно земја доаѓа, изјави министерот за здравство Филипче.
Неодамна во интервју за неделникот „Фокус“ Роберт Бекироски, новиот директор на Агенцијата за лекови МАЛМЕД, тврдеше дека 95 отсто од лековите преку паралелен увоз доаѓаат од Турција. Според него, потенцијален проблем е паралелниот увоз како процес во кој лековите се земаат директно од веледрогериите без увид и одобрување од самите производители, еден ист лек при еден увоз се носи во неколку различни серии, односно се собира од различни веледрогерии, додека да стигне на македонскиот пазар.
Тој објаснува дека при инспекциски надзор на лекови од паралелен увоз идентификувани се 28 сомнителни оригинални пакувања од еден лек од иста производствена серија. Исто така, откриен е уште еден фалсификуван лек за деца!