По повеќе од 30 години судиски стаж, Судскиот совет ја разреши Весна Кичеец за бегство на обвинет за убиство

by fokus

Откако премиерот, Зоран Заев го најави прочистувањето, односно филтрацијата на судиите како приоритет број еден од новиот владин план Акција 21, Судскиот совет на денешната седница разрешил двајца судии од Основниот суд Охрид. Една од нив е судијката Весна Кичеец и уште еден судија кој веќе е во пензија.

Претседателот на Судскиот совет, Киро Здравев потврдува дека на денешната седница се разрешени двајцата судии без да каже за кои судии се работи, а неофицијално од Советот потврдуваат дека разрешени се судиите Кичеец и Трајче Скрчески кој бил во пензија.

Судијката Кичеец е разрешена по 34 години судиски стаж за бегството на српскиот турист од Краљево кој е обвинет дека на новогодишната вечер во 2016 година, до смрт го претепал охриѓанецот, Димитар Матилоски.

-Донесена е Одлука со која е разрешен судија од вршење на судиската функција поради нестручно и несовесно вршење на судиската функција и истовремено е донесена Одлука за времено оддалечување на судијата од вршење на судиската функција до правосилно завршување на постапката, се вели во соопштението на Судскиот совет. Од Советот велат дека одлуката за времено оддалечување значи суспендирање.

 

Официјално не објаснуваат точно зошто е разрешена Кичеец, но неофицијално ја разрешиле оти ја развлекла постапката иако се работело за притворски предмет. Кога истекол законскиот максимум за притвор обвинетиот бил пуштен да се брани од слобода и избегал. На српскиот турист му биле досудени 16 години затвор, но во отсуство, а тој не ја одлежа затворската казна на која беше осуден.

Кичеец во изјава за ТВ 24  рекла дека не ѝ се верувало кога ја слушнала информацијата и најавила жалба до Врховен.

-За Ваша информација, првата моја одлука за Угреновиќ (обвинетиот за убиство) е донесена само по месец и половина од добивање во работа на предметот, по признание на вина и изречена му беше казна од 16 години. За Апелација Битола казната беше висока, ја укинаа пресудата, висока била казната и покрај тоа што остануваа уште помалку од 4 месеци до максималниот рок за притвор. Повторно ја донесов истата одлука, Апелација ја преиначи на осум години, Врховен ја преиначи нивната и повторно изрече 16 години. Навистина не знам каде е мојата вина, ценете сами, рекла Кичеец.

Според официјалните податоци на веб страницата на охридскиот суд, Кичеец била избрана за судија во 1986 година. Иако веќе ја исполнувала старосната граница за пензија таа побарала да продолжи да работи бидејќи има право до 67 години.

 

 

 

 

 

 

 

Другиот разрешен судија е пензиониран, но нема информации зошто е разрешен.

Ф.Ф.С.

Поврзани новости