По одлуката на ДИК, советникот на Јанкулоска сепак ќе биде шеф на СВР Скопје

by fokus

По одлуката на Државната изборна комисија која се прогласи за ненадлежна да одлучува по барањето на техничкиот министер за внатрешни работи Наќе Чулев за неговото решение, советникот на поранешната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, Ристо Ставревски сепак ќе биде началник на СВР Скопје.

Министерот Чулев за Фокус потврди дека со одлуката на ДИК неговоро решение е конечно иако дополнителниот заменик министер Славјанка Петровска не стави потпис на неговото решение бидејќи Ставревски го имаше во „бомбите“.

– Ние во овој случај немаме надлежност затоа што ова прашање не се однесува на организација и спроведување на изборите. Нивната изборна надлежност е утврдена во член 44 од Законот за Влада, каде што точно во ставот 4 и во ставот 6 пишува кои се надлежностите на техничкиот министер и на дополнителниот заменик министер во Владата, изјави претседателот на Државната изборна комисија, Оливер Дерковски.

Појаснувајќи, зошто ДИК не е надлежна да одлучува за барањето, тој посочи на ставовите 4 и 6 од членот 44 од Законот за Влада.

– Тоа е изворна надлежност на министерот од членот 44 и тие именувања не подлежат на активностите што се дадени од членот 46, 48 и понатаму 47, кои се однесуваат на организација на изборите, рече Дерковски.

Всушност, како што појаснија членовите на ДИК, за именување на Ставрески не е потребен втор потпис, односно потпис од дополнителната заменик министерката Петровска.
Дополнителниот заменик пак ја чека одлуката на ДИК и вели дека сепак нема да го потпише ова решение.

– Би почекала да ја видам одлуката на ДИК и образложението во целост, пред да направам следен чекор. Принципелно останувам на ставот дека лица кои во минатото влијаеле врз изборниот процес не треба да бидат назначени на раководни позиции во министерството. Но, ова зборува дека опозицијата, за жал сеуште не е ослободена од минатото. Целта на оваа преодна Влада е да озвозможи спроведување на фер и демократски избори и оттука мојата цел не е да го блокирам тој процес. Дополнителните раководни позиции кои се назначени се гаранција дека волјата на граѓаните мора да се почитува и секое друго влијание ќе биде соодветно казнето, вели Петровска за Фокус.

Според Законот за Влада, техничкиот министер за внатрешни работи има право да направи смени на 15 раководни позиции. Досега се направени 12 смени, до крајот на неделава треба да бидат назначени нови началници на СВР Тетово и СВР Куманово, а кадровското решение за помошник министер за информатика и телекомуникации, чекал потпис од Агенција за разузнавање. Имено, Чулев на чело на овој сектор планирал да го постави Здравко Стојков од Агенцијата за разузнавање, овој предлог го потшишале и двајцата министри и Стојков, но директорот на Агенцијата повеќе од една недела не давал одобрување за овој предлог, објаснува Чулев.

Поврзани новости