По настаните со Антониа, Иван повеќе нема да открива детали за личниот живот: Музиката е единствена тема за која треба да зборувам!

by Fokus

Идиличната приказна помеѓу двајца популарни естрадни ликови, младата Антониа Гиговска и фронтменот на ,,Либеро Бенд”, Иван Јованов, која ги полнеше медиумите неколку години наназад, а заврши пред неколку месеци, е како филмско сценарио. Тоа е најчестиот коментар кој е актуелен деновиве, откако Антониа на својот 22-ри роденден откри дека чека бебе и се свршила со избраникот, музичарот Роберт Спасенцовски.

Веста дека пејачката запловува во семејни води со Роберт, кој беше познат како добар пријател на Иван, дојде како изненадување за многумина. Покрај коментарите со честитки за убавите случувања кај новиот музички пар, често се забележува и прашањето како се носи Иван со новостите, и дали на неговото пријателство со Роберт е ставена точка.

-Решивме да ја прекинеме врската која траеше околу три години. Ги почитувам Антоина и Роберт, нивните родители, времето ќе покаже што е вистина. Градот си зборува, што било, ние сме си решиле помеѓу нас. Не сум злопамтило, ние се следиме уште на Инстаграм, комуницираме, се е најнормално, немам проблеми со нивната комуникација, отворен сум за било каква помош, кон било кого- изјави тој пред три месеци во емисијата Бекстејџ, кога беше запрашан за крајот на љубовта, но и за гласините дека Антониа е во врска со неговиот пријател Роберт.

Иако во минатото Јованов често во разни емисии и интервјуа раскажуваше за неговата врска со Антониа, споделуваше заеднички фотографии и детали од нивното секојдневие, сега по последните случувања, го променил мислењето и решил повеќе да не зборува за настани од личниот живот. Вчера, на прашањето на ,,Фокус” како гледа на новостите во животот на Антониа и Роберт, посебно поради тоа што речиси во сите текстови за нив е спомнато и неговото име, Иван открива дека е посветен на нов музички проект, и музиката е единствената тема за која тој треба да зборува во јавност.

-Наскоро на јавноста ќе и го претставиме новиот проект, и за таа тема може да зборуваме во секое време. Музиката е мојата животна определба, па сосема логично е токму таа да е единствената тема на која претпочитам и треба да зборувам- категоричен беше музичарот.

Од друга страна пак, Антониа освен што е актуелна по приватните случувања, деновиве ја промовираше новата песна со Пајак, насловена ,,Хабиби”, која за неколку дена стана хит и постојано се врти во етерот.

Вики Клинчарова

Поврзани новости