По долго време, СДСМ победи во бастионите на ВМРО-ДПМНЕ

by Фокус

Владејачката СДСМ оствари убедлива победа во првиот круг на локалните избори, успевајќи да победи во многу општини каде никогаш или одамна не победила, покажуваат податоците објавени од Државната изборна комисија.

Една од нив е скопската општина Гази Баба, каде досега секогаш победуваше ВМРО-ДПМНЕ со разлика од 2 наспрема еден, па и 3 наспрема 1, меѓутоа во првиот круг од овие избори Борис Георгиевски од СДСМ освои 17.544, додека Тони Трајковски од ВМРО-ДПМНЕ 16.517 гласови.

Друга општина која СДСМ по речиси цела вечност ја презема од ВМРО-ДПМНЕ е Бутел, каде Велимир Смилевски од оваа партија освои 10.042 гласа, а кандидатот на ВМРО-ДПМНЕ Дарко Костовски освои 7.844 гласа.

По 3 последователни мандати на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ победи и во скопските општини Аеродром и Ѓорче Петров, каде нивните кандидати Златко Марин и Александар Наумовски ги победија противкандидатите од ВМРО-ДПМНЕ Ивица Коневски и Владо Мисајловски со разлика од 3.367, односно 2.653 гласови.

По 3 мандати на градоначалници на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ убедливо победи во Битола, каде Наташа Петровски го порази Зоран Илиоски од ВМРО-ДПМНЕ со разлика од 13.622 гласови.

По долгогодишно владеење на кадри на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ победи и во Велес, каде на градоначалничката функција се врати Аце Коцевски, кој го порази Славчо Чадиев од ВМРО-ДПМНЕ со разлика од 3.669 гласови.

По 12-годишна пауза, СДСМ победи и во Прилеп, каде Илија Јовановски од СДСМ освои 23.607, додека Марјан Ристески од ВМРО-ДПМНЕ 20.917 гласови.

Социјалдемократите убедливо победија и во Кочани, каде Николчо Илијев освои 11.622 гласови, наспроти долгогодишниот градоначалник од ВМРО-ДПМНЕ Ратко Димитровски, кој освои 7.895 гласови.

Исто така, СДСМ победи и во многу „помали“ градски и рурални општини, кои во минатото важеа за бастиони на ВМРО-ДПМНЕ, како Македонски Брод, Градско, Зелениково, Македонска Каменица, Зрновци, Конче, Карбинци, Свети Николе…

Поврзани новости