По девет и шест години затвор ќе лежат браќата Смилевски обвинети за милионскиот грабеж во Тутунска

by fokus

Девет години и два месеци затвор е казната која ја доби Бобан Смилевски кој беше обвинет за милионскиот грабеж во Тутунска банка. Неговиот брат Горан Смилевски, кој како и Бобан се товареше за тешка кражба и затајување, е осуден на шест години и шест месеци. Борис Мичевски кој според обвинителниот акт наводно ги превезол украдените пари, доби казна од пет години и два месеци.

Пресудата денеска беше соопштена во Кривичниот суд, а според неа четвртообвинетиот во овој случај, Мирослав Каевски, вработен како трезорист во Тутунска банка, доби условна казна затвор од две години.

Судијата Дарко Тодоровски образложи дека пресудата ја донел врз основа на признанието на обвинетите, а висината на казните ја образложи со фактот дека обвинетите не откриле каде се украдените пари.

Со пресудата тројцата првообвинети се задолжени и во рок од една година на правосилноста на пресудата солидарно да ја надоместот штетата на Тутунска банка. До правосилност на пресудата обвинетите остануваат во притвор бидејќи судијата Тодоровски ги одби барањата на адвокатите обвинетите да се бранат од слобода или да бидат во куќен притвор.

Основното јавно обвинителство Скопје во јули поднесе обвинение против осум лица за грабежот на НЛБ Тутунска банка, а подоцна постапката беше издвоена за четворица. Според обвинителниот акт, од банката биле украдени околу 3 милиони евра.

Валентина Вурмо

Поврзани новости