По девет години од убиството на Нешкоски нема правда, нема мир, СЈО трагаше по нов убиец, но без резултати

by fokus

Поминаа девет години од убиството на Мартин Нешкоски, кој беше усмртен на плоштадот „Македонија“, додека ВМРО-ДПМНЕ ја славеше изборната победа на 6 јуни 2011 година. За неговото убиство беше осуден тигарот Игор Спасов, кој веќе половина година е во бегство, но се чини дека со неговото осудување, не се дојде и до правдата.

Спасов на судењето во 2012 година тврдеше дека не го убил Нешкоски, а на надлежните и на семејството на починатиот им порача виновникот да го бараат на друго место.

Сомнежите уште повеќе се зголемија кога СДСМ ја објави „бомбата“ за Мартин Нешкоски. Од разговорите се открија и детали кои донекаде ја потврдуваа одбраната на Спасов, или во најмала рака дека имал олеснителни околности, односно дека критичната вечер бил службено ангажиран.

Поради низата пропусти во истрагата, СЈО на почетокот на својот мандат отвори предистрага за овој случај, а Спасов три пати беше носен на распит. Тој со часови се задржуваше кај обвинителите, а неговиот адвокат Ване Андреев појаснуваше дека неговата улога била како сведок, а не осомничен.

Поради недостиг од официјални податоци, бидејќи предистрагите се тајни, шпекулациите одеа дури до таму дека се трага по друг убиец на Нешкоски, односно наводно има индиции дека вечерта на 5 јуни, во текот на прославата на изборната победа на ВМРО-ДПМНЕ, друг му го задал смртоносниот удар на Мартин, а не Спасов. Според нашите неофицијални информации, Специјалното јавно обвинителство било на трага дека Мартин бил удрен во пределот на главата, но не на скопскиот плоштад, туку на друга локација, а подоцна се случува брканицата со Спасов на плоштадот, по што му се слошува.

Неделникот „Фокус“ веќе пишуваше дека постојат сериозни индиции дека кобниот удар во глава момчето го добило во подрумот во АРМ, од познат за СЈО напаѓач, но сето ова засега е само на ниво на сомнеж.

Извори за „Фокус“, упатени во истрагата, велат дека после толку години, оди многу потешко откривањето на вистината, бидејќи и да го најдат вистинскиот тепач, тешко ќе оди докажувањето дека токму неговиот удар ја предизвикал смртната последица. Сепак, најавите се дека редовното обвинителство нема да се откаже и предистрагата ќе продолжи таму каде што застанала.

На осудениот поранешниот специјалец, пак, официјално трагата му се губи на 18 октомври 2019 година, кога не се појавува во затворот „Идризово“ откако му заврши условниот отпуст даден за лекување. Негови познаници велат дека Спасов бил револтиран што „затаила“ предистрагата на СЈО, во која наводно се трагало по вистинскиот убиец на Нешкоски. Тој до неодамна сам го отплаќаше гревот со правосилна затворска казна од 14 години.

Валентина Вурмо

Поврзани новости