По четири години МВР поднесе кривична пријава против Слободанка Алексовска

by fokus

Поранешната раководителка во Агенцијата за вработување и советничка во Град Скопје од редовите на ВМРО-ДПМНЕ, Слободанка Алексовска, која моментално е дел од органите на партиската Унија на жени денеска заработи кривична пријава од МВР за „злоупотреба на службената положба и овластување“.

С.А. со злоупотреба на својата службена положба и овластувања, постапувајќи спротивно наодредбите одЗаконот за извршување на буџетите и Законот за спречување на корупција, во периодот 2014-2017 година, за свои лични потреби и за своја сметка нанела штета на Буџетот во вкупен износ од 635.065 денари (10.325 ЕУР), стои во соопштението на МВР.

Инаку, Алексовска беше суспендирана од раководното место во Агенцијата за вработување уште во 2017 година, кога ревизијата покажа дека со службени пари таа купувала машки чорапи, влажни марамчиња, козметика, аутан, спрејови, млеко за тело, смоки, цигари, мешан кашкавал и јајца од јапонска потполошка, напитоци од соја, гумени бонбони, свежа риба лосос и лаврак, сувомесни производи, овошје, фстаци и други јаткасти производи.

По суспензијата, таа си даде отказ од Агенцијата за вработување. Минатата година пак, Алексовска беше актуелна со прислушуваниот разговор меѓу Зоран Милевски Кичеец и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

Таа присуствуваше на средбата од која излезе аудио снимката, а тогаш од ВМРО-ДПМНЕ за „Фокус“ информираа дека Алексовска ја организирала и договорила средбата меѓу Мицкоски и Милевски во партиското седиште, од која потекнуваат четирите снимени разговори, на кои се слуша како двајцата разговараат за предвремените локални избори во Охрид, кои во 2019 година се одржаа заедно со претседателските избори.

К.С.Б.

 

Поврзани новости