Денеска во Косово е ден на жалост во чест на жртвите од вчерашната автобуската несреќа во Хрватска во која животот го изгубија десет луѓе. Од кабинетот на косовската претседателка, Вјоса Османи, соопштија дека таа ќе ја прекине посетата на Јапонија, каде што престојува по повод Олимписките игри и денеска ќе се врати во земјата.
Автобусот со косовски регистарски таблички, кој сообраќаше на релацијата Франкфурт – Приштина, вчера околу шест часот наутро излета од патот и се преврте во близина на Славонски Брод, при што, загинаа девет патници и еден од двајцата возачи. Во болницата во Славонски Брод се примени на лекување 44 патници, од кои 15 се потешко повредени.
Дел од оние што ја преживеаа несреќата, во изјава за Радио Телевизија на Косово раскажуваат дека трагедијата се случила во многу кратко време.
-Се случи за една минута. Само видовме дека автобусот излета и се лизгаше околу 100 метри. Возачите спиеја. Тие се менуваа од време на време, вели еден од преживеаните.
Министерот за здравство, Вили Берош, појасни дека во автобусот имало 15 малолетни лица. Едно од нив, станува збор за девојка, е меѓу потешко повредените.