По 493 дена Белгија конечно успеа да состави федерална Влада

by Fokus

По 493 дена преговори и неуспешни коалициски обиди, утрово е обелоденет договор помеѓу партиите што ќе ја формираат идната федерална влада на Белгија, на нејзино чело би требало да застане фламанскиот Либерал Александер Де Кро, јави дописничката на МИА од Брисел.

Името на новата федерална коалиција е „Вивалди“, и е составена од седум партии – Либералите, Социјалистите и Еколозите од двете страни на јазичната граница.

Во текот на денот треба да бидат објавени министерските портфолија и имиња. Според информациите на дневниот весник „Слободна Белгија“, Александар Де Кро ќе го добие премиерското место, иако информацијата сè уште не е потврдена официјално. Последните информации беа дека трката помеѓу Де Кро и социјалистот Пол Мањет е сè уште актуелна.

Се очекува новата влада да има четиринаесет министри покрај премиерот и неколку државни секретари.

Последните парламентарни избори во Белгија се одржаа на 26 мај 2019, заедно со изборите за Европскиот Парламент. Неколку месеци претходно, федералната власт ја напушти една од коалициските партии поради несогласувања околу миграциските прашања, оставајќи на функција малцинска влада со тесен простор за одлучување.

Белгија беше без функционална федерална власт речиси 500 дена, што не е рекорд за оваа земја во која институционалната и политичката комплексност редовно предизвикува кризи.

Поврзани новости