По 32 години живот надвор од Македонија, Дакиќ го носи ,,Егзил” во Скопје!

by Fokus

Сликарот и скулптор Ранко Дакиќ по 32 години откако ја напушти земјава, ќе има самостојна изложба во Музеј на современа уметност Скопје. Изложбата ќе биде отворена на 24-ти септември, со почеток од 20 часот, и е насловена ,,Егзил”.

Ќе бидат претставени педесетина слики, цртежи и скулптури кои се создадени по неговото напуштање на Македонија. Дакиќ, кој по потекло е од Кавадарци, има завршено Ликовна академија во Скопје, отсек вајарство во класата на професор Петар Хаџибошков, а со години наназад живее и твори во Берлин, Германија.

Првите импулси во сликарската постапка ги добил од Петар Мазев. Многупати досега добил откупна награда од уметничката фондација Künstlerförderung Berlin, во чија што жири комисија се вбројуваат светски познати имиња од уметноста. За неговата работа известува и Д-р.

Урсула Принц една од врвните куратори долгогодишен заменик директор на Берлинската Галерија. -Творештвото на Ранко Дакиќ (1958, Скопје) не цели да ни открие зачудувачки новости во сликарството или скулптурата. Впрочем, тоа денес тешко да може да го направи кое и да е’ творештво. Но може, на пример, да ни го отвори неговиот внатрешен свет, а може и неочекувано да ни помести некои граници во македонската ликовна уметност.

Уметноста на Дакиќ не е поводлива и не е подведлива, таа не сака да биде национална, па ни интернационална. Таа цели да биде анационална односно сака да биде само – уметност. Во извесна смисла таа е егзистенцијална. Но не егзистенцијалистичка во философската смисла на зборот, туку како некаков личен творечки одговор на егзистенцијалните дилеми, на разбирањата на уметноста, на истражувањата на личните перцепции на визуелното ама и на личните страсти, ст(р)авови, победи и порази … Уметноста на Дакиќ не признава стил и/или развој. Се’ што уметникот ќе создаде е негов „стил“ и негов „развој“, неговата уметност е тој – лично и персонално – и тој е неговата уметност.

Целосно и неотповикливо. Изложбата ќе презентира педесетина негови дела (цртежи, слики и скулптури) работени во последниве триесетина години односно по неговото напуштање на Македонија во 1987 година – наведено е во најавата за изложбата. ,,Егзил” е негова прва изложба во Музеј на современа уметност Скопје.

Поврзани новости