По 24 декември, многумина во Европската комисија беа за одземање на кандидатскиот статус

by Владо Апостолов 10:20
10:20

Ретко кој дипломат оставил толку голем впечаток како овој Ирец. И мислењата се поделени, дел од граѓаните сметаат дека единствено тој ги бранел демократските процеси во држава, додека оние другите, со ставови поблиски до владејчкото мнозинство веруваат оти Фуере пречесто излегувал од својот дипломатски шинел. Повод за нашиот разговор беше неговиот текст „Демократијата го изгуби своето значење во Македонија“, кој излезе на „Балкан Инсајт“, непосредно по изборите.

Фуере за „Фокус“ говори што се случувало во Европската комисија по фамозниот 24 декември, а како излез од демократскиот ќор-сокак предлага ЕУ веднаш да ги стартува преговорите со Македонија. За крај има неколку совети до Груевски инспирирани од Нелсон Мандела!

- Advertising -

ФОКУС: Во Вашиот последен текст „Демократијата го изгуби своето значење во Македонија“ пишувате дека дефиницијата на ВМРО-ДПМНЕ за демократија е радикално различна од онаа што е запишана во Оксофордскиот речник и која е призната од мнозинството во западниот свет. Лесно можам да заклучам дека верувате оти ние немаме демократска влада во Македонија. Од друга страна, македонската опозиција и дел од интелектуалците упорно повторуваат дека режимот на Груевски не е ништо освен диктатура. Дури и странскиот печат, како почитуваниот швајцарски весник „Ное цирихер цајтунг“ напиша дека Груевски е мал диктатор. Долги години сте работеле во Македонија и сте имале шанса да ја почувствувате „демократијата“ на Груевски, па затоа како би го опишале него како премиер и неговиот начин на владеење со земјата?
ФУЕРЕ: Иако владата што ја води премиерот Никола Груевски, уште од неговиот избор во 2006 декларира дека приоритет ѝ е пристапувањето кон Европската унија, земјата никогаш не била подалеку од остварување на оваа цел, од моментот кога го доби кандидатскиот статус во декември 2005 година.

Целата добра волја што беше стекната со препораката на Европската комисија за датум за отворање на пристапните преговори во 2009 година е уништена поради однесувањето на владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ во периодот што следеше. Без разика дали тоа е во областа на политичкиот дијалог, почитувањето на слободата на медиумите, независноста на судството или на основните цивилизирани демократски стандарди што би ги очекувале од земја-кандидат, државата е отидена далеку-далеку назад во своите реформи.

Всушност, како тоа да е вистинската стратегија на владата да ги одлага преговорите за пристапување колку што е можно подолго, за да спречи какво било вмешување во држењето на власта од страна на ВМРО-ДПМНЕ и безбедносниот апарат што го инсталираше партијата.
Авторитарните методи и заплашувачките тактики што ги користи владејачката партија се такви што создаваат клима на вистински страв во целото општество. Дури ни избраните функционери не се поштедени.

ДАНОЧЕН ТЕРОРИЗАМ ВРЗ ЖЕРНОВСКИ

ФОКУС: На кои избрани функционери мислите?
ФУЕРЕ:
Она што градоначалникот на Центар од редовите на опозицијата го доживеа по неговиот избор пред повеќе од една година, не е ништо друго, туку даночно-инспекциски тероризам, го посетија трипати повеќе владини инспекции во првите три месеци откако дојде во општината споредено со целиот четиригодишен мандат на неговиот претходник од владејчката партија. Целта е јасна – да се спречи опозицискиот градоначалник да работи и да го испорача својот мандат на граѓаните што го избрале.

Што се однесува на градоначалниците од владејачката партија, меѓу кои многумина ја имаат онаа креативна сила што ѝ потребна на државава, дури и тие не се во можност слободно да работат поради претераната централизирана контрола од власта на ВМРО-ДПМНЕ, и со тоа се подрива системот за децентрализација кој треба да промовира стабилно и инклузивно владеење на локално ниво. Оваа високо партизирана и популистичка политика покажува дека државата работи според еден вештачки патронатски систем цврсто контролиран од премиерот и од неговиот безбедносен апарат. Сѐ додека владејачката партија не го прифати предизвикот за компромисот, не ја намали својата ароганција и почне да промовира искрен политички дијалог и поголемо инклузивно владеење, државата и понатаму ќе губи.

ФОКУС: Во истиот напис тврдите дека ако се тргне настрана извештајот на ОБСЕ/ОДИХР за изборите во 2008 година, кога имаше жртва, последниот извештај на оваа организација е најлош за Македонија. Зошто мислите дека токму овој извештај е најлош и можете ли да ни кажете неколку примери, земји кои имаат слично изборно поведение како Македонија?
ФУЕРЕ: Ако се анализираат официјалните извештаи на ОБСЕ/ОДИХР за седумте избори што се случија откога е избран премиерот Никола Груевски во 2006 година (вклучувајќи ги претседателските, локалните и парламентарните), ќе се констатира дека истите слабости идентификувани во изборниот процес се повторуваат и пак се повторуваат. Само што, наместо ситуацијата да се подобрува, слабостите и тешкотиите во реформите стануваат сѐ полоши. Проблемот не лежи во недостигот од потребната легислатива, туку во тоа што недостасува имплементацијата на законите. Можеби најопасниот аспект е патронатскиот систем со тактика на заплашување врз јавната адмистрација, една од најпрекубројните во регионот. Иако е вистина дека некои од овие слабости се, исто така, присутни во изборните процеси во другите земји на Балканот, како што се Албанија и Босна и Херцеговина, анализата на извештаите на ОБСЕ/ОДИХИР покажува дека вкупната состојба е многу полоша во Македонија.

ПРЕМИЕРОТ И ПРЕТСЕДАТЕЛОТ ГИ ДЕВАЛВИРААТ СВОИТЕ ФУНКЦИИ СО УЧЕСТВОТО ВО ОДРЕДЕНИ ТВ-ШОУА

ФОКУС: Во првата половина од последната кампања за претседателските избори кандидатот на владејчаката партија Ѓорге Иванов имаше 23 часа комерцијална презентација на ТВ-каналите, додека неговиот противкандидат Стево Пендаровски само три. Дали ова е нормално за демократските општества и што овој пример зборува за ситуацијата во македонските медиуми, ако се имаат предид и последните извештаи на „Репортери без граници“ и „Фридом хаус“?
ФУЕРЕ: На Владата предводена од Груевски ѝ припадна „честа“ да го постигне најлошиот годишен извештај за слободата на медиумите во целиот балкански регион. Сега таа е рангирана во истата категорија како Венецуела и Нигерија. Тоа се одразува во сите официјални извештаи за почитување на независните медиуми. Не само што владата е најголемиот поединечен огласувач во земјата, што ѝ дава невидена контрола врз медиумите, туку тоа, исто така, се користи за заплашување и малтретирање за да се задуши секоја критика на нејзините политики. Оние новинари кои храбро се обидоа да ги истражуваат наводните случаи на корупција од страна на Владата или на партиски функционери на ВМРО-ДПМНЕ, беа осудени на законски казни од судскиот систем контролиран од Владата.

Продолжениот притвор и судењето на новинарот Томислав Кежаровски ОБСЕ отворено ги осуди како политички мотивирани. Такви тактики користат само владите што се плашат од јавна критика и од она што истражувачките новинари може да го откријат.

Можеби најтрагичниот аспект од однесувањето на владејачката партија е начинот на кој нејзините членови, вклучувајќи ги нејзините највисоки функционери, како што се претседателот и премиерот, ја девалвираа нивната висока функција, појавувајќи се во ТВ емисии кои отворено поддржуваат насилство и говор на омраза, со што ја оправдуваат нетолеранцијата и нецивилизираното однесување. Со овие постапки ги симнаа стандардите на јавна дебата на такво ниво, така што нетолеранцијата и омразата се сметаат за нормални. И поради силната контрола што ја практицира власта, општеството е немоќно да реагира.

ФОКУС: Еден ден по парламентарните избори во 2011 година, кои ги доби ВМРО-ДПМНЕ, полицијата го упаси Љубе Бошкоски и сега тој е во затвор по еден многу сомнителен судски процес. По минатогодишните локални избори полицијата го уапси советникот Мирослав Шиповиќ и сега СДСМ и ЛДП го изгубија своето мнозинсво во Општина Центар. И една недела по последните избори полицијата го упаси Дејан Ставиќ, лидерот на Синдикатот на лекарите, кој на неколкупати ѝ се спротистави на Владата. Дали сите опозиционери во Македонија се криминалци или проблемот е во нешто друго?
ФУЕРЕ: Не е мое да коментирам индивидуални случаи. Како и да е, јасно е дека спротивно на сите изјави на премиерот контролата на владата врз судството е добро документирана. И извештаите на американскиот Стејт департмент и на Европската комисија истакнаа дека селективната правда и политички мотивираните судења биле поттикнувани од владејачката партија. Ова е уште еден пример на нездрава владина контрола врз секој аспект од животот во земјата, однесување кое целосно не одговара на една функционална демократија со вистински систем на проверка и рамнотежа („чек енд баланс“), кој сите граѓани на земјата го заслужуваат.

ФОКУС: Во време кога опозицијата го бојкотира Парламентот, многу експерти коментираат дека Македонија може да го изгуби кандидатскиот статус ако оваа политичка криза не се реши до есен. Постои ли ваква опасност и ако тоа се случи кој ќе биде виновникот?
ФУЕРЕ: Иако тоа нема никогаш да го признаат, не е никаква тајна дека многумина во Европската комисија (ЕК) веруваат дека препораката за датум за отворање преговори требаше да биде повлечена по драматичните настани во Собранието на 24 декември 2012 година.
Со задржувањето на својата препорака и покрај тие настани, сепак, ЕК ја намали ефективноста на било каква потпора што ја имаше во однос на владата и однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ.

Во случај ЕК да ја повлече препораката, тоа ќе биде директен резултат на владиниот неуспех да го задржи реформскиот процес на вистинскиот пат. Сепак, нема сомневање дека владата ќе ја искористи огромната пропагандна машинерија за да ја убеди јавноста дека препораката е повлечена единствено поради прашањето на името и притисокот од Грција.

Без оглед што ќе одлучи ЕК, повлекувањето на препораката не е решение. Тоа само ќе ја зацврсти решеноста на владејачката партија да продолжи со својот популистички пристап. Единствениот начин да се обезбеди земјата да се врати на патот на пристапување во ЕУ, ќе биде преговорите за пристапување всушност вистински да започнат. Тоа ќе обезбеди директна контрола врз однесувањето на владата и ќе им овозможи на институциите на ЕУ да влијаат со многу поголема моќ врз Владата во целина, истовремено обезбедувајќи реформскиот процес да остане на исправниот пат.

ГРУЕВСКИ МОЖЕ МНОГУ ДА НАУЧИ ОД МАНДЕЛА

ФОКУС: Која е одговорноста на ЕУ за она што се случува во Македонија и што треба Унијата, чекор по чекор, да направи за да ѝ помогне на земјава да го најде вистинското значење на демократијата?
ФУЕРЕ: Искуствата од претходните проширувања на ЕУ покажаа дека плановите за пристапување во ЕУ имаат големо влијание во промовирањето на потребните реформи и во изградбата на стабилни институции во земјите на поранешна Југославија. Иако е вистина дека во регионот има уште да се работи за да се постигне ефикасна демократија, динамиката на преговорите за пристапување придонесува за поголема свест за демократските вредности како потпора на сите демократските општества.

Со ставањето на прашањата на владеење на правото во срцето на процесот на пристапување, ЕУ ги сфати стратешките предности првенствено фокусирајќи го вниманието на оваа област во почетокот на процесот, наместо на крајот. Но ЕУ, исто така, ќе треба да го дополни овој нов приод со поголемо фокусирање на „политичкото владеење“, особено во оние земји како што е Македонија, каде што политичкиот дијалог и градењето на консензус остануваат слаби или се непостоечки.

Ова може да се направи ако се одвојат повеќе ресурси за поддршка на граѓанското општество и на подмладоците на политичките партии. Вклучувањето на граѓанското општество во развојот на политиката и во владиниот процес на донесување на одлуки, треба да биде дел од условеноста за пристапување. Искуството на Словенија во нејзиниот процес на пристапување во ЕУ, чија десетгодишнина ја славиме оваа година, нуди одличен модел во овој поглед.
Зголемената поддршка од ЕУ, исто така, треба да вклучи финансиска поддршка на истражувачкото новинарство, за да се обезбеди подобра одговорност на владата кон своите граѓани.

ФОКУС: Рековте дека во наредниве месеци ќе ја посетите Македонија. Ако случајно имате шанса само накратко да се сретнете со премиерот Груевски, што би го советувале?
ФУЕРЕ: Не е до мене да го советувам премиерот. Сепак, ако тој би ме прашал за совет, ова е тоа што јас би му препорачал:

– дека ако ја прочитал автобиографијата на Нелсон Мандела „Долго чекорење кон слободата“, примерок кој јас му го дадов на премиерот како проштален подарок во февруари 2011 година, ќе види дека пружањето рака на неговите политички противници во вистински дух на компромис и помирување ќе се цени како знак на сила, а не на слабост;

– дека сѐ уште има време пред тој да го напушти својот кабинет, да промовира поинклузивно владеење и потолерантно општество, со ангажирање на отворен начин, на сите сектори на граѓанското општество и нивно вклучување во процесот на донесување одлуки; слично на почитување на независноста на медиумите, фундаменталниот елемент на секоја функционална демократија;

– да го послуша советот на еден друг инспиративен лидер, Џон Хјум, кој одигра клучна улога во мировниот процес во Северна Ирска, дека „национализмот не носи леб во чинијата“; во земја како што е Македонија со 30 отсто невработеност, ова е мудар совет;

– дека силата на земјата не се мери со моќта што се применува од страна на лидерот, туку според силата на институциите кои гарантираат проверка и рамнотежа („чек енд баланс“) неопходни за функционирањето на демократијата.

(Интервјуто е објавено во минатиот 972. број од неделникот „Фокус“)

Поврзани новости